Победата носи радост за одбојкарките на Работнички Скопје и за македонската женска клупска одбојка која по подолго време може да се пофали и со уште еден претставник по Јанта Волеј КВ кој остварил победа на европско тло.
РАЕ Спортдикол поради подобар сет-количник продолжува во следната рунда, додека за нашиот вице-шампион со ова завршува европската сезона.
Дури четири одбојкарки во редовите на Работнички завршија со двоцифрен ефект – Тамара Стојанова со 19 поени, Антонија Баталаковска 14 поени, Јана Балов 11 поени и Ана Павлоска 10 поени, додека Марија Василевска имаше девет поени.
Работнички Скопје сега ќе се фокусира на домашното првенство каде има одличен старт од четири победи во исто толку натпревари.
Натпреварувањето во ЦЕВ челинџ купот го завршија и одбојкарките на Наковски волеј кои вечерва по вторпат беа поразени од чешкиот тим Острава.

Македонскиот тим вечерва загуби со 0:3 (15:25, 21:25, 15:25) пред својата публика во салата „Парк“ во Струмица.
Одбојкарките на Александар Митев најавија дека ќе се борат до крај и дека ќе понудат посилен отпор на фаворитот во возвратниот меч и тоа и го реализираа. Се обидоа да парираат, но младоста и неискуството беа пресудни.
Лиља Ковачевиќ, Сара Марковиќ, Ивана Милева и Ива Стојкоска реализираа по седум поени, додека Мила Долдурова имаше четири поени.






