недела, 7 декември 2025

Новото толкување на правилата кое може да донесе хаос: Зошто головите од офсајд на Милан важеа?

Милан синоќа ги разочара своите навивачи, одигра само 2-2 против Пиза, но натпреварот донесе многу контроверзии, двата погодоци на домаќините паднаа по офсајд, или поточно пасивен офсајд.

Објавено на

часот

Сподели

На отворањето на 8. коло во Серија А, Милан киксна дома против Пиза и во финишот од натпреварот се спасуваше од пораз.

„Росонерите“ добро го започнаа мечот, поведоа веќе во 7. минута, но во вториот дел Пиза направи комплетен пресврт, за во 93. минута избраниците на Алегри да стигнат до 2-2.

Средбата на Сан Сиро не само што донесе возбуда и драма, имаше и многу контроверзии, двата погодоци на домаќините паднаа по офсајд, или поточно пасивен офсајд.

Во првата ситуација Павловиќ беше најблиску до голманот, а во втората, дури четворица беа зад последната линија, од кои двајца директно на правецот на топката.

Но судиите не се огласија, ниту пак ВАР ги коригираше, а причина е новото толкување на правилата.

Според новите насоки, кога шутот е од далечина, или надвор од шеснаесетникот, се смета дека голманот имал доволно време да реагира па затоа пасивниот офсајд не се претвора во активен.

Ова не му се допаѓа на Алберто Џилардино, тренерот на Пиза смета дека сега сите ќе кројат тактики како да им ја отежнат работата на голманите.

„Очигледно ќе треба да скроиме тактика за ваквите ситуации, чим може да оставаме играчи пред голманот, ќе се обидеме да го искористиме ова“ – рече Џилардино по крајот на натпреварот.

Новото толкување на правилата веќе беше применето и на други натпревари, односно голот на Пашалиќ на мечот помеѓу Аталанта и Парма, како и голот на Димарко на мечот помеѓу Интер и Кремонезе.

Но доколку почнат да се кројат специјални тактики како што тоа го најави Џилардино, може да настане хаос и да има многу спорни ситуации со оглед на тоа дека играчите намерно ќе остануваат во офсајд за да го маркираат голманот, а не случајно како што е тоа во сегашните ситуации.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ