понеделник, 2 февруари 2026

Неочекувана промена во олимпискиот тим на Македонија, Лазарески не патува во Милано!

Македонскиот олимписки комитет денеска им посака успешен настап на нашите скијачи на Зимските олимписки игри Кортина Милано, но меѓу најавуваните не беше Мирко Лазарески, на негово место е Виктор Петков.

Објавено на

часот

Сподели

На денешната прес-конференција, претседателот Даниел Димевски изрази задоволство поради тоа што македонската репрезентација за првпат ќе има четворица натпреварувачи.

„Досега не се случило четири македонски натпреварувачи и тоа сите со остварена норма да бидат дел од ЗОИ. Македонскиот олимписки комитет ги овозможи сите услови за нашите претставници подготвени да отидат на ваков вид натпреварување. Обезбедивме и комплетна зимска опрема. Имам чувство дека ќе направиме некој добар резултат. Се надевам дека нашите скијачи ќе се претстават во најдобро светло“, истакна Димевски.

До пред само некој ден Лазарески беше најавуван како македонски скијач кој ќе настапи на Олимписките игри, но денеска не се појави на прес-конференција.

Од скијачката федерација засега молчат за оваа промена, а молчат и во МОК.

Новиот на списокот, Виктор Петков ќе настапи во велеслалом, а се чека потврда и за настап во слалом доколку има место.

Останатите натпреварувачи се Ставре Јада кој ќе настапи во нордиско скијање во дициплините Спринт, и Интервал старт 10км, во тие дициплини ќе настапи и Ана Цветановска. Јана Атанасовска ќе скија слалом и велеслалом.

Ставре Јада е најускусниот во нашиот тим, за него ова ќе биде трета Олимпијада по настапите во Пјонг Чанг 2018 и Пекинг 2022.

„Сакам да изразам благодарност до МОК и мојата матична федерација, скијачката за тоа што веруваат во моите можности. За мене ова ќе биде трета Олимпијада во низа, вложивме многу за да дојдеме до овој трет настап. На оваа Олмпијада одам со цел да постигнам најдобар резултат кој еден нордиец го постигнал за нашата држава. Се надевам на крајот ќе ја претставам, Македонија во најдобро светло и ќе бидам рамо до рамо со најдобрите“, рече Јада.

За Ана Цветановска ова ќе биде втора Олимпијада. Таа беше нашата единствена претставничка на Светското првенство во Трондхејм во нордиско трчање и ја потврди формата со 5-то место на силниот Балкански куп.

„Чест ми е што присуствувам на овој настан и што ќе сум дел од олимпискиот тим. Долгорочноста во овој спорт и интегритетот на нашата работа ќе се обидеме да ги нагласиме на овие Олимписки игри и да се претставиме во најдобро светло“, рече Цветановска.

Големи надежи Македонија полага во младата Јана Атанасовска која го држи рекордот за најдобар остварен резултат во историја на македонското алпско скијање во женска категорија со освоени 30,56 ФИС точки.

„За мене ова е голем успех. Настапот на Олимписките игри не е само остварување на сонот на едно младо девојче, туку и голем чекор во мојаа кариера. Одам таму максимално подготвена и верувам ќе ја пренесам формата од тренинзите на патката“, рече Атанасовска.

Виктор Петков кој неочекувано доби шанса за настап во Милано, ветува дека ќе го даде максимумот.

„Се надевам дека ќе ја претставам Македонија во најдобро светло, ќе го дадам својот максимум. Норматта ја исполнивме и сега останува да дадеме е од себе во Кортина“, рече Петков.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ