„Црвено-црните“ важат за изразит фаворит во двомечот со тимот од мини-државата, иако тренерот Гоце Седлоски предупредува на максимална концентрација и без потценување.
„Одработивме добри подготовки во овие месец дена, дома и во Словенија, каде добро се подготвивме. Иако ни недостасуваа некои од странците, сите сме максимално спремни. Вардар нема играно во Европа подолго време. Знаеме каков ривал не очекува, но ние се гледаме самите себе, респект за ривалот, но јас сум фокусиран само на моите играчи. Се надевам дека ќе одиграме квалитетен натпревар и дека ќе забележиме победа. Во денешниот фудбал нема фаворити, затоа ќе бидеме внимателни. Ланската година Ла Фиорита исфрли ривал од Белорусија. Најважно ми е екипата да ми влезе онака како што јас барам, без опуштање. Најважно е момците да влезат како што јас барам од нив. Ова е само прво полувреме, мора да бидеме концентрирани, максимално професионално, најважно ми е ние како ќе одиграме. За седум дена имаме и реванш. Ги анализиравме колку што можевме, видовме и добри работи и лоши работи од нив. Најважно ми е мојата екипа да влезе во мечот како што треба“, изјави Седлоски.
Освен предводникот на тимот, зборуваше и еден од капитените Азер Омерагиќ, кој кажа:
„За изминатите месец дена максимално се подготвивме. Мотивира настапот во Европа. Првиот меч го играме дома и ќе гледаме да си ја завршиме задачата на домашен терен, па да имаме мирен реванш. Ние сме доста подобра екипа од противникот од Сан Марино, но го почитуваме. Ќе притиснеме уште од самиот старт затоа што играме дома, мора да тргнеме со повеќе притисок. Ја сакаме победата пред нашата публика“.
Првиот меч се игра в четврток од 20:30 часот на „Тодор Проески Арена“, каде Вардар ќе атакува на победа и солидна предност пред реваншот.