Останатите борилишта на вториот ден донесоа нова доза спортски возбудувања и резултати, сјајни изданија на младите европски таленти. Финалните трки во атлетика, велосипедизам, стрелаштво и џудо ја зацврстија атмосферата на фестивалот како вистински празник на младинскиот спорт.
И покрај високите температури и топлото време, спортистите на отворено покажаа извонредна подготвеност и борбеност, измерените максимални 43 степени Целзиусови, не ја намалија спортската енергија што владееше на терените. Единствено, беа одложени дел од натпреварите во баскет 3×3, поради жештината и безбедноста на натпреварувачите.
Во финалето на 110 метри со пречки за момчиња, златниот медал го освои Рафаел Францини од Белгија со време од 13.24 секунди, а истото време го постигна и Французинот Маел Лануирен, но по фото-финишот, Францини беше прогласен за победник. Третото место, со заостанување од 0.22 секунди, му припадна на Ентони Перез од Шпанија.
Во финалето на 400 метри кај девојките, најбрза беше Живка Ремич од Словенија со време од 52.21 секунди. Италијанката Лаура Фратароли заврши втора (53.71), додека бронзата ја освои Ерин Фриел од Ирска со време од 54.02 секунди. Кај момчињата, златото замина во Чешка – Томас Хорак истрча за 46.60 секунди. Швеѓанецот Хуго Келандер беше втор, а Гркот Спиридон Конидарис го заокружи подиумот со време од 47.42 секунди.
На вториот натпреварувачки ден на ЕМОФ започнаа и друмските велосипедски трки, во Куманово. Во женска конкуренција, златниот медал го освои Каролина Хајдукова од Словачка, додека во машка конкуренција најбрз беше Јанис Бертуд од Швајцарија.
Во екипното финале во стрелаштво – 10 метри со воздушен пиштол, златниот медал му припадна тимот на Србија, кој во тесна и драматична завршница ја совлада Словенија со резултат 12:10.






