Атанасов кој им донесе три шампионски титули на „штрковите“, ќе има шанси и за четврта.
„Со голема радост информираме дека МЗТ Скопје го продолжи договорот со првиот тренер Васко Атанасов, кој и во новата сезона ќе го води нашиот тим“, стои во соопштението на клубот.
„Горди сме што со продолжувањето на соработката обезбедуваме континуитет, стабилност и амбиција за уште поголеми успеси во сезоните што следат. Воедно, потврдуваме дека дел од стручниот штаб ќе останат и неговите помошници Дејан Србиновски и Тино Даневски, како и Филип Босилков, кој ќе се грижи за кондициската подготвеност“.
Во наредниот период МЗТ Скопје ќе го промовира и тимот за наредната сезона, односно новите засилувања и оние кои ќе останат.
Васко Атанасов ја презеде оваа функција во финишот на сезоната 2022/23, од кога оствари резултати кои го вбројуваат меѓу најуспешните стратези во историјата на клубот – три шампионски титули (2023, 2024, 2025), како и по два пати освоени Купот на Македонија (2024, 2025) и Суперкупот (2023, 2024).






