Скијачот Мирко Лазарески падна на допинг тест на неколку дена пред почетокот на Зимските олимписки игри, па на вчерашната прес-конференција наместо тој, се појави Виктор Петков.
На прес-конференцијата јавноста не беше информирана за промената од страна на МОК, а немаше информација ниту од Скијачката федерација на Македонија.
МКД.мк вчера дојде до информација дека промената е поради позитивен допинг тест, а сега стигна и официјалната потврда од МОК.
„Во интерес на објективното и вистинито информирање на граѓаните и спортската јавност, а со цел да се испочитува во целост законската процедура која не обврзува, ја пренесуваме официјалната информација доставена од страна на Националната анти-допинг организација (НАДО МКД) во врска со промената во олимпискиот состав за претстојните Зимски олимписки игри.
„Врз основа на официјалниот извештај (Test Report) пристигнат од акредитираната лабораторија во Seibersdorf, Австрија, во еден од двата примероци утврдено е присуство на забранети средства кај спортистот во алпско скијање. Како резултат на строго и прецизно пропишаната процедура на WADA, до конечна потврда на наодот, процедурите предвидуваат времена суспензија на спортистот и се активира механизмот на замена од претходно утврдената листа на потенцијални кандидати („long list“). Согласно овој официјален систем на рангирање, следен спортист со исполнета олимписка квота е Виктор Петков, кој по процедурален пат станува дел од официјалната делегација.“
За сите дополнителни детали, прашања и официјални ставови во врска со овој случај, Ве упатуваме да се обратите директно до надлежната институција НАДО МКД, која единствено е овластена да соопштува информации на оваа тема“, велат од МОК.






