Одбојкарките на Вардар ЕМ го приредија првото големо изненадување откако во првиот четвртфинален меч со 3:0 (25:23, 25:20, 27:25) го елиминираа ланскиот полуфиналист и повеќекратен освојувач на куп-пехарот Работнички Скопје.
„Вардарки“ претходно во осминафиналната рунда му земаа „мерка“ на уште еден градски ривал и лански учесник на Ф4, Фит Фан Волеј. Во напнат и неизвесен, на моменти и нервозен дуел, „црвено-црниот“ тим остана мирен во клучните моменти и стигна до историски успех – пласман на Ф4. Вардар ЕМ во пролетниот дел од сезоната игра во нагорна линија како во првенството, така и во Купот и дефинитивно ќе биде убаво освежување на финалниот турнир.
Младост УГД, пак, пред својата публика го букираше билет на Ф4 во Купот на ОФМ 2026 откако во четвртфиналето со 3:1 (25:22, 23:25, 25:23, 25:19) го победи ланскиот финалист Јанта Волеј КВ. Противниците кои се меѓу најсериозните кандидати во трката за првенствената титула одиграа натпревар во кој одлучуваа нијанси.
Штипскиот состав потврди дека е во одличен ритам, па откако во првенството му го зададе првиот удар на лидерот, сега во Купот елиминираше еден од фаворитите.
На финалниот турнир од Купот ќе игра и бранителот на титулата, Наковски Волеј, кој со 3:0 (25:14, 25:17, 25:17) го совлада тимот на Струмица жени.
Последниот учесник на завршницата од Купот на ОФМ 2026 кај девојките ќе биде познат на 11 март кога ќе играат Газели Волеј и Пелистер Волеј.






