Катарската епизода за српскиот напаѓач би можела да заврши по само четири месеци. Ал-Рајан е подготвен да го продаде 31-годишниот Митровиќ по само три одиграни натпревари, Србинот се чини дека нема уште долго да остане во Доха.
Според информациите кои пристигнуваат од Турција, истанбулскиот гигант Фенербахче сака да го донесе Митровиќ во своите редови и веќе доставиле понуда.
Членот на извршниот одбор на клубот, Ертан Торуногулари отпатувал во Доха на состанок со Митровиќ. Сега на потег е напаѓачот кој треба да одлучи дали ќе ја прифати понудата.
Ал-Рајан нема против продажба на Митровиќ. Тие се разочарани од низата повреди кои ги имаше Србинот и подготвени се да се ослободат од него.
Митровиќ со катарскиот клуб има договор до лето 2028 и годишна плата од 10 милиони долари. Па, јасно е дека Фенербахче ќе мора да му даде добра понуда за да го оттргне од парите на шеиците.






