Натпреварот кој беше без никакво значење не понуди многу возбудувања, се играше коректен фудбал без тензија и некоја посебна желба и кај двете селекции.
Ирска ја имаше иницијативата во текот на целиот меч, Ирците беа посебно опасни во второто полувреме, но Македонија со организирана одбрана успеа да се одбрани.
Првиот удар на мечот го имавме ние, во 21. минута Барди се обиде од слободен удар, голманот Келехер одбрани. Тоа беше и единствен наш шут во рамките од голот на Ирците.
Во финишот од првото полувреме најопасниот ирски фудбалер, Перот влезе во одлична шанса, но го промаши голот.
Со почетокот на вториот дел се зголеми иницијативата на Ирска која сакаше да постигне гол, но одолеавме и на тој бран на напади.
Најголемата шанса за Ирците ја имаше Перот кога во 52. минута ја погоди стативата од голот на Димитриевски.
Двајцата селектори направија многу замени, Седлоски смени дури девет фудбалери, па поголемиот тек од вториот дел и не личеше на сериозен натпревар.
Во една таква завршница немаше многу возбудувања до крајот, фудбалерите само рутински го одработија мечот до последниот судиски свиреж.
Од нашите фудбалери посебно се истакна дебитантот Имран Фетаи кои беше најдобро оценет играч на теренот. Дефанзивецот на Шкендија имаше неколку фантастични интервенции.






