Миркуловски по престојот во Германија реши да се врати во Македонија. Тој доаѓа на функцијата координатор на машките репрезентации, на местото од Влатко Тасевски кој сега е на позицијата генерален секретар.
Денеска се случи и официјалната презентација на Миркуловски на која искажа благодарност за довербата и верба дека може многу да помогне.
„Благодарен сум му на претседателот на РФМ што ми овозможи да бидам на оваа значајна функција за македонскиот ракомет. Како и секогаш јас сум тука да дадам се од себе од моето знаење кое го стекнав во изминатите години во Германија. Моја примарна цел ќе биде развојот на младинските категории, тука сум и да ги искоординирам сите селектори, на сите категории, мора да ја подобриме таа комуникација на селекторите. Да изградиме единствен ситем на работа што ќе биде полесно за А селекцијата. Има многу работа, мислам дека можам многу да придонесам“, рече Филип Миркуловски.
Претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Александар Стефанов смета дека младите ракометари треба да се угледаат на Миркуловски.
„Чест и и задоволство е да се има човек како Миркуловски во својот тим. Тој е поранешен репрезентативец со над 150 настапи, кој со своето искуство и знаење, собрани како ракометар, капитен и тренер во Вецлар може и тоа како да придонесе. Од него очекуваме да го пренесе своето знаење на тие што допрва доаѓаат. Дај боже да излезат уште бројни ракометари кои ќе се угледаат на него, така Македонија ќе има ракометна иднина“, изјави првиот човек на РФМ.






