Македонија попладнево тестираше против Летонија, одигра натпревар без погодоци, но Благоја Милевски е задоволен, смета дека фудбалерите исполниле се што било побарано од нив.
„Сето она што си го зададовме како цел за овој натпревар, го исполнивме. Тоа беше да испробаме нова тактика која ќе ја користиме во иднина и поради тоа мора да сум задоволен како фудбалерите ги одработија дадените задачи. Мораме да бидам задоволен затоа што сите кои настапија денеска ја оправдаа довербата, тоа ми дава чувство на задоволство да можам да сметам на секого во иднина на секоја позиција која што сум ја замислил. Сите 28 фудбалери во составот го даваат својот максимум, без разлика колку минути ќе поминат на теренот“ – вели предводникот на Македонија.
Тој сепак има замерка на теренот, смета дека популарните „рисови“ заслужуваат многу подобри услови
„Жал ми е што немавме подобри услови за игра, се надевам дека во иднина сите заедно ќе направиме напори за подобар терен бидејќи тој влијаеше и на нашата завршница. Кога имате пред себе густ бедем, треба да имате одличен завршен пас, ние тој го немавме денеска, меѓутоа создадовме прилики за гол кои не успеавме да ги искористиме“.
За пет дена следува веројатно најважниот натпревар оваа сезона и дуелот со Велс кој ќе го решава дали во баражот ќе одиме како втори во групата или со помош на Лигата на нации.
„Натпреварот со Велс е важен, меѓутоа ако не беа важни и претходните, сега немаше да бидеме во ваква позиција, затоа се подготвуваме како и досега“ – заврши селекторот.






