Македонија во Кардиф го доживеа вториот најтежок пораз во историјата.
„После ваков меч, останува само да му честитам на Велс за перформансот. Не одговоривме на нивната агресивност. Честитки за моите фудбалери што покажаа во овие квалификации… Се надевам на повеќе минути во нивните клубови за да парираат на физички план“, беше првата изјава на Милевски по тешкиот пораз.
„Не ни е сеедно на сите нас, одговорноста е моја, секако била и ќе биде… Сѐ е можно во денешен фудбал. Ме боли повеќе начинот на кој загубивме, отколку резултатот“, дополни селекторот.
Тој признава дека ова издание на Македонија беше далеку од претходните.
„Ние бевме далеку од нашето ниво од претходните средби… Филозофијата е иста, но потфливме во сите сегменти. Со толку инвидуални грешки против ваков противник не може да се парира… А со истите играчи имавме рекорди, 15 без пораз, малку голови…“.
Иднината на Милевски е неизвесна, неговиот актуелен договор завршува, па нејасно е дали ќе продолжи да го води националниот тим.
„Емоцијата и мотивацијата секогаш ни беше патоказ. … Никогаш нема да ми недостасува мотив или емоција да ја водам Македонија во иднина… Чест и гордост беше секој момент минат со овие момци. Ќе видиме што ќе ни донесе утрото“.
Најтешкиот пораз ни е исто така со Благоја Милевски кога од Англија загубивме со 7-0.
„Ова е различно од Олд Трафорд, тоа беше друг меч и други квалификации, но, не смее да се случува вакво нешто. Ваков пад во концентрација, на индивидуален план, физички и тркачки. Нема оправдување за нашиот перформанс, но ова е различен меч од Олд Трафорд. Одиме понатаму, ќе го чекаме нашиот противник од четвртиот барабан. Сакавме да се вратиме во второто полувреме, ги искористив сите алатки на располагање, но не успеав“.
„На играчите им е најтешко, но карактерот на играчите го знам, не се сомневам дека ќе се вратат пак. Имало и потешки времиња од ова, во спортот има и такви моменти“, заврши Милевски.






