Илиевски стави потпис на четиригодишен договор со Кошаркарската федерација на Македонија. Целта е да се донесат подобри резултати од оние кои ги имавме во изминатите години.
„Му благодарам на раководството на Кошаркарската федерација за честа да бидам на оваа позиција на која сум сега. Им благодарам и на моите соработници за поддршката и очекувам максимален ангажман од нив. Неблагодарно е да зборувам за моменталната состојба, сега ќе правиме планови за иднината. Треба сите заедно да се вклучиме во работата на репрезентацијата, како ние, така и клубовите и медиумите. Потребно е да разговараме за кошарката и репрезентацијата за тоа како би се движеле во иднина за да ја подобриме ситуацијата во нашиот спорт. Не е прифатливо за мене да дојдеме до опструкции од клубовите бидејќи тие се неоходен дел од оваа операција“, кажа Илиевски.
Новиот селектор посочи дека дека во моментов не знае каков тим ќе има, а со тоа не може ниту да открие какви амбиции ќе имаат во августовскиот циклус.
„Стартната позиција на која се наоѓаме е тоа дека дел од главните играчи нема да можат да бидат присутни во августовскиот циклус. Сепак, сакам да разговарам уште еднаш со нив и да ги поставиме работите на своето место. Дури тогаш ќе знаеме со каков ростер ќе располагаме. Ако ги немаме главните играчи, периодот за почеток на подготвки (10 јули) е многу доцна, особено ако се подмладува репрезентацијата. Ни од натурализираните играчи немаме потврда, за Шортс уште трае сезоната. Тоа значи дека во моментов не знаеме каков тим ќе имаме, а со тоа и какви ни се амбициите“, посочи селекторот.
Претседателот на кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), Томе Главчев му се заблагодари на претходниот селектор за досегашната соработка и го промовира Марјан Илиевски и неговите помошници кои во иднина ќе се грижат за иднината на репрезентацијата.
„Би сакал да му се заблагодарам на претходниот селектор и неговиот стручен штаб за нивниот ангажман во претходните две години. Нивниот договор беше истечен, ние во претходните две недели имавме низа разговори со други стручњаци, но со нив не успеавме да најдеме заеднички јазик. Затоа, би сакал да му се заблaгодарам на Марјан Илиевски и неговите помошници за подадената рака. Не би сакал многу да зборувам за Илиевски, тој е познато име во македонската кошарка со забележителни резултати. Горди сме што прифати да влеземе во еден проект, наречен решавање на проблемите во македонската кошарка. Нашата репрезентација во моментов е на 30. на ранг листата на ФИБА Европа. Периодот кога бевме околу десеттото место е далечен и можеме да забележиме дека од година во година котираме сè полошо. Сакам да бидам реален оптимист дека овие проблеми ќе ги надминеме брзо. Очекувањата треба да бидат реални и да се соочиме со моментот кој го живееме. Се надевам дека тоа со Илиевски и со поддршка од медиумите ќе го надминеме лошиот период. Ќе ни треба малку повеќе време за сите планови да го имплементираме“, кажа Главчев.