Првиот собир репрезентацијата ќе го има на 15 мај во хотелот „Горан Пандев“ во Струмица, каде екипата ќе ја одработи првата недела од подготовките за настапот во Златната Европска лига 2025. На 24 и 25 мај Македонија во Марибор ќе одигра пријателски двомеч со селекцијата на Хрватска, кој ќе послужи како проверка на силата во пресрет на натпреварите од Европската лига.
Струмица ќе бида базата на сениорите во јуни. Од 6 до 8 јуни Македонија игра на првиот турнир од Златната Европска лига во Братислава, Словачка, каде покрај домаќинот за противник ќе ја има и селекцијата на Финска. Вториот турнир одбојкарите го играат една недела подоцна од 13 до 15 јуни во Рига против Летонија и Грција. Македонија ќе биде домаќин на еден од трите турнири во третиот викенд од годинешното издание, кога од 20 до 22 јуни во салата „Парк“ во Струмица, ќе ги пречека Црна Гора и Израел. Доколку Македонија се најде меѓу првите четири екипи во генералниот пласман по комплетирањето на турнирите ќе се најде на Ф4 турнирот, кој 5 и 6 јули ќе се одржи во Брно, Чешка.
По завршувањето на обврските во Златната Европска лига националниот тим ќе има три недели одмор пред повторно да се собере на 20 јули во Маврово, но сега за темпирање на формата за квалификациските дуели со Грција и Грузија за Европското првенство 2026.
По една седмица подготовки во Маврово селекцијата ќе патува за Бугарија, каде во Софија ќе одигра контролен двомеч со Бугарија, на 29 и 30 јули. По враќањето екипата ќе се стационира во Скопје, каде ќе ја одработи финалната фаза од подготовките.
Генерална проба за сениорите пред евро-квалификациите ќе биде 49-то издание на традиционалниот меморијален турнир „Бранко Хаџи Иљоски – Чајка“ на кој покрај Македонија своето учество го потврдија и репрезентациите на Бугарија и Швајцарија. Турнирот ќе се одржи во периодот од 5 до 7 август во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.
На 13 август сениорите и гостуваат на Грција во Атина, додека полната летна агенда за репрезентацијата финишира на 17 август кога во „Борис Трајковски“ во Скопје ќе ја пречекаат Грузија, во последното коло од циклусот за ЕвроВолеј 2026.