петок, 12 декември 2025
Инспиративен разговор за големиот подвиг на тројцата наши ултрамаратонци

Македонски џинови: Катерина, Радмила и Жикица трчаа 330 км низ Алпите

Македонските ултрамаратонци Катерина Шиповиќ, Радмила Јованова и Жикица Ивановски направија подвиг што за многумина изгледа незамисливо – истрчаа 330 километри низ Алпите во рамките на легендарната Трка на џиновите (Tor des Géants). Во разговор за МКД.мк, тројцата ја споделуваат својата приказна за ова уникатно искуство и за патот што го минуваат само „џиновите“.

Објавено на

часот

Сподели

Трката на џиновите (Tor des Géants) е една од најтешките и најпрестижни ултрамаратонски трки во светот. Се одржува во регионот Вал д’Aоста во Италија, на Алпите, покрај границата со Франција и Швајцарија. Натпреварувачите треба да ја поминат дистанцата од 330 километри со вкупна денивелација од 26.000 метри, во временски лимит од 150 часа.

Трката се одвива и дење и ноќе, а учесниците сами одлучуваат кога и колку ќе одмораат. Патеката минува низ спектакуларни алпски предели и опфаќа територија од над 30 општини, со планински премини високи над 2.000 метри. Ова е предизвик за кој е потребна комбинација на екстремна физичка издржливост, планинарски способности и психичка сила.

Оваа година бројот на учесниците беше лимитиран на 1.100, а до целта за помалку од 150 часа пристигнаа само 40 проценти од натпреварувачите – меѓу нив и тројцата Македонци. Прв целта ја мина Жикица Ивановски, кој 330-те километри ги помина за 108 часа, 59 минути и 40 секунди, завршувајќи на 126. место во светската конкуренција. Следна беше Катерина Шиповиќ со време од 129 часа, 42 минути и 30 секунди (385. место). Радмила Јованова ја заврши трката за 141 час, 10 минути и 43 секунди, финиширајќи на 539. место во елитата на ултрамаратонците од целиот свет.

Откако одлучивте дека ќе се пријавите на оваа трка па до самиот нејзин старт, дали имаше моменти кога се колебавте дали можете да ја завршите или силно верувавте дека ќе ја минете целта за помалку од 150 часа?

Катерина: За оваа трка знам одамна, уште откако почнав да трчам ултрамаратонски трки, но секогаш мислев дека не е во мојот домет. Една година пред да се пријавам на годинешното издание почнав повеќе да размислувам за трката и да ја гледам како еден од моите следни предизвици. Од моментот кога во мене се роди желба да учествувам на оваа трка, немав никаков сомнеж дека со соодветни подготовки ќе можам успешно да ја завршам. Сепак, во последните два месеци од подготовките кога веќе се наближуваше трката, почна да се појавува страв како последица од стресот и психичката преоптовареност.

Радмила: Кога одлучив да се пријавам на ТОР 330, бев свесна дека ме очекува огромен предизвик – и физички и ментален. Имаше моменти на двоумење, особено во текот на подготовките, кога се соочував со замор, повреди или сомнежи дали сум доволно подготвена за ваква долга и тешка трка. Имаше денови кога се чувствував непобедливо, и други кога сомнежот беше погласен. Но истовремено, силно верував во себе и во процесот на подготовка. Секој ден работев на тоа да ја зајакнам својата самодоверба и издржливост, а поддршката од моите најблиски и од тимот ми помогна да останам фокусирана и позитивна. Иако на ТОР нема никакви гаранции за ништо, јас на стартот веќе знаев дека ќе дадам сè од себе за да ја поминам целта во рамките на времето што си го зацртав.

Жикица: Според тренинзите што ги имав/ме, бев убеден дека можам да ја финиширам оваа трка. Секако, времето за кое би се случило тоа беше под прашалник бидејќи ова беше нешто најдолго до сега.

Како се одвиваа подготовките на трката, дали се фокусиравте само на физичкиот дел или се подготвувавте и ментално за овој џиновски предизвик?

Катерина: Физичкиот и менталниот дел од подготовките за една ваква трка секогаш одат во комбинација. Дел од тренинг-процесот ни беа долги, целодневни тренинзи во низа од неколку дена, на места со услови слични како на трката. Сето тоа ни беше добра физичка, но и ментална подготовка за она што нѐ чека на трката.

Радмила: Подготовките за ТОР330 беа сеопфатни, и од физички и од ментален аспект. Физичкиот дел вклучуваше интензивни тренинзи, долготрaјни трчања, планински искачувања и работа на издржливост, со цел телото да се навикне на долгите дистанци и променливите услови – време, надморска височина… Но многу важно беше и менталното подготвување – работев на тоа да ја зајакнам психичката издржливост, да се справувам со стресот, заморот и моментите на сомнеж. 

Во почетокот мислев дека најтежок дел ќе биде физичкиот, но колку повеќе се доближував до трката, толку повеќе сфаќав дека сè е во умот. Мислам дека наjмногу ми помогна тоа што свесно работев на психичката издржливост во реални, секојдневни услови. Често тренирав доцна навечер, а веќе следното утро одев на работа, или станував многу рано за да трчам пред работниот ден. Овие искуства ме научија како да се справувам со заморот, недостигот од сон и менталниот притисок, што беше клучно за издржливоста на трката. Верувам дека токму ваквите моменти, кога мораш да функционираш и кога си уморен, најмногу ја зајакнуваат психата и те подготвуваат за екстремни предизвици како ТОР330.

Жикица: Тренирајќи го физичкиот аспект истовремено го тренираш и менталниот дел бидејќи имавме и доста специфични тренинзи, кои беа долги и повеќе од 10 часа.

Трката трае шест дена, низ тие 330 километри имате станици за освежување каде што преспивате, јадете, користите физиотерапевти… дали трката ја стартувате со некаков план колку ќе спиете, што и колку ќе јадете, колку ќе одморате или сето тоа доаѓа спонтано во зависност од барањата на телото за време на трката?

Катерина: Секако дека за еден ваков подвиг мора да се има првичен план. Ова ми беше најдолгата трка досега, па не можев да имам точен план во однос на одморот и сонот, но имав план за внес на калории и хидрација, како и местата на кои ќе се освежам со туш и чиста облека.

Радмила: За трка како ТОР330, невозможно е однапред детално да се испланира секој аспект од одморот, исхраната и спиењето, бидејќи телото и умот реагираат различно во различни фази од трката. Секако, имав основен план – отприлика кога и колку би сакала да спијам, што и колку да јадам, како и кога да правам паузи за одмор. 

Но многу брзо по стартот на трката, односно втората вечер, видов дека е невозможно да планирам, бидејќи сè е различно. Мојот план беше да спијам на втората вечер, но едноставно ниту телото, ниту умот сакаше, така што морав да продолжам без спиење. Во следниот период, најголем дел од одлуките ги носев спонтано, во зависност од тоа како се чувствував во моментот. Научив да го слушам телото: ако почувствував дека ми е неопходен сон или одмор, не се двоумев да застанам, дури и ако тоа не беше според првичниот план. Многу често се случуваше да направам кратки „дремки“ од по 15 до 20 минути, особено кога чувствував дека имам некакви халуцинации и дека ми е потребен брз одмор. 

Тие паузи ги правев буквално каде и да се најдам во моментот, не чекав да дојдам до главна контролна станица, каде што имаше специјално поставени кревети за таа цел. Истото важи и за исхраната – се трудев редовно да внесувам енергија, но и тука се водев според моменталните потреби и желби. На ваква долга трка, флексибилноста и способноста да се приспособиш се клучни за успехот. Планот ми беше само водилка, но вистинските одлуки ги носев на терен.

Ова реално е тешко да се прави бидејќи има само еден лимит – тоа е крајниот лимит од 150 часа, нема периодични лимити на секоја етапа и затоа секое поместување на сонот, или поместување на времето на завршување на една етапа, влијае на крајниот лимит, што ја прави трката потешка за менаџирање од тој аспект.

Особено важно за мене беше тоа што имав сериозни повреди на нозете, кои бараа третман, па физиотерапевтите ги користев многу често. Сепак, тие беа достапни само на главните контролни станици, што значеше дека можев да добијам третман отприлика еднаш во 24 часа. Ова дополнително влијаеше на моето планирање и на одлуките кога и колку да одморам, бидејќи понекогаш морав да издржам до следната контролна станица за да добијам соодветна помош.

Жикица: Првично имав план за спиење бидејќи тоа беше делот за кој најмногу се плашев зашто ми беше непознат. Во делот на храната знаев што ќе ми бара телото и тоа добро го изведов. Не се држев фиксно до некаков план, туку го слушав телото и умот што е најдобро во дадената ситуација.

Кој дел од трката ви беше најтежок, а кој најубав? Дали композицијата на природата и пејзажите влијаеја на расположението за време на трчањето?

Катерина: Пределот каде што се одржува трката е вистинска убавина. Алпите изобилуваат со волшебни пејзажи, а секој момент од трката беше вистинско уживање. Дури и во потешките моменти уживав што сум таму, правејќи го она што најмногу го сакам.

Радмила: Најтежок дел од трката за мене беа последните 50 километри. Во тој период, поради сериозните повреди, навистина се сомневав дали имам сила да продолжам понатаму. Секој чекор беше борба со болката и со сопствените мисли, но токму тие моменти ме научија колку е важна менталната издржливост и колку многу може да се постигне кога не се откажуваш.

Од денешна перспектива, убави ми беа сите моменти од трката, дури и оние најтешките. Особено магични беа ноќите кога трчав под отворено, ѕвездено небо – тогаш природата имаше посебна моќ да ми го подигне расположението и да ми даде нова енергија. Пејзажите, планините и тишината на ноќта ми помогнаа да останам присутна и благодарна за секој изминат километар. Посебно убави беа и моментите кога пристигнував на секоја главна контролна станица, по скоро 24 часа поминати речиси сама. Кога ќе го видиш својот тим по толку време, тоа дополнително ти дава енергија и мотивација да продолжиш понатаму.

Алпите се навистина величествени и преубави – секој изминат километар нуди нови пејзажи, драматични врвови, долини и тишина што инспирира. Природата таму има посебна сила, а убавината на планините и свежиот воздух те исполнуваат со благодарност што си дел од тоа искуство.

Најемотивен момент ми беше околу 11 километри пред крајот, кога веќе бев свесна дека ќе ја завршам трката. Во тие моменти, сакав да заврши болката, но истовремено нешто во мене не сакаше да заврши ова патување – толку беше силно и посебно целото искуство.

Жикица: Генерално целата трка е преубава и тоа многу влијае на расположението, кое цело време ми беше на високо ниво. Најтешки ми беа некои долги спуштања, кои иако сами по себе беа тешки и стрмни, најмногу поради болките што ги имав. Најубав можам да кажам дека ми беше последниот дел, последните 50 км, од Оломонт до Кормаје.

Имаше ли период во текот на трката кога помислувавте да се откажете? И што е пресудно за да се победат таквите моменти?

Катерина: Во ниту еден момент не помислив на откажување, туку на сè што дотогаш сум направила во трката и на тоа што треба да го направам понатаму за успешно да ја завршам.

Радмила: Во текот на трката никогаш немав момент кога вистински решив да се откажам. Имав многу сомнежи како би продолжила, но никогаш не си реков „крај“. Единствено, на околу 48 километри пред крајот, кога заморот и болката беа најинтензивни и скоро неиздржливи, си помислив дека нема да биде лесно да продолжам, и всушност не знаев како да продолжам. Покрај болките, имав и треска, па не знаев како ќе се справам и со тоа. Од друга страна, знаев дека ова го сакам многу силно и дека претходно жртвував многу работи за да го завршам ова патување. Во тие моменти, клучно беше да останам фокусирана на целта, да се потсетувам зошто сум започнала и да продолжам чекор по чекор, без разлика на тежината. Огромна улога имаше и поддршката од мојот тим и од најблиските – нивните зборови, присуство и охрабрување ми даваа дополнителна сила кога беше најпотребно. Верувам дека токму самодовербата, упорноста, свеста за сите жртви што ги направив и љубовта и поддршката од луѓето околу мене се пресудни за да се победат сите кризни моменти на ваква трка.

Жикица: Мене сè уште ми е чудно дека немав таков момент. Сум бил на пократки трки, каде што повеќепати ми се случувало да помислам на откажување, а овде ниту еднаш. Можеби пресудно е тоа што доста се вложив во овој подвиг, а бев и доста претпазлив како на тренинзите така и на трката.

Какво беше чувството кога ја минавте целта?

Катерина: Во текот на целата трка во мене се будеа многу емоции на возбуда, среќа, радост, па дури и тага. Сè беше проследено со насмевка или солзи, но во моментот кога пристигнав на целта, сѐ едноставно исчезна. Во тој момент не чувствував ништо. Невозможното стана можно. Го остварив и овој сон, го совладав и овој предизвик, и, како што си ветив, си честитав сама себеси.

Радмила: Од една страна, почувствував огромно олеснување и радост што успеав да го остварам тоа што толку долго го посакував и за кое вложив многу труд, време и енергија. Но покрај радоста, имаше и еден посебен емоционален момент – дел од мене не сакаше ова патување да заврши, бидејќи секој изминат километар беше исполнет со силни емоции, нови искуства и благодарност што сум дел од ваква авантура. Тоа беше мешавина од среќа, олеснување, благодарност и носталгија за секој момент поминат на патеката.

Посебно бев среќна што финиширавме сите тројца учесници од Македонија и што целиот тим ме пречека на финишот. Ова чувство навистина не се опишува. Мислам дека радоста немаше да биде иста ако еден од нас не успееше да ја заврши трката, а верувам дека истото чувство го имаа и Кате и Жикa, и дека тие не можеа вистински да се радуваат сè додека јас не завршам (тие завршија пред мене).

Жикица: И ова ми беше доста чудно бидејќи немав некои емоции кога ја финиширав трката. Поемотивно се чувствував на некои делови од трката, кога беше ноќ и кога бев сам. Најверојатно сум ги потрошил сите, па не останало за финишот.

Како се одвиваше заздравувањето, колку време траеше?

Катерина: Физичкиот напор и стресот од една ваква трка се големи. Ми беше потребен околу еден месец за целосно да ги одморам телото и умот. По еден месец почнав повторно да се чувствувам одморена и подготвена за физички активности — секако, постепено и внимателно.

Радмила: Заздравувањето по ваква долга и интензивна трка како ТОР330 е процес што трае подолго време – и физички и ментално. Иако најтешките болки и замор поминаа по неколку недели, чувствувам дека заздравувањето сè уште трае. Телото постепено се враќа во нормала, но за целосно да се надминат сите последици од напорот, потребни се месеци, барем такво е засега моето искуство. Освен физичкиот аспект, и менталното заздравување е важно – повторно да се вратиш во секојдневниот ритам и да ги процесираш сите силни емоции и доживувања од трката. Верувам дека ваквите искуства оставаат трага и дека заздравувањето е индивидуален процес кој за секого трае различно, а за мене – трае уште.

Жикица: Решив да не брзам со заздравувањето и тоа да биде бавно и сигурно. Вклучив велосипед и по еден месец го направив првото трчање од 5 км.

Дали ова уникатно искуство ве промени како личности, што научивте од оваа трка?

Катерина: Секоја поголема трка ме надградува во позрела и поискусна личност. Патот кон успехот не е лесен, но токму моментите на борба ме прават посилна и поодлучна да продолжам напред.

Радмила: Ова искуство навистина ме промени како личност. ТОР330 ми покажа дека границите на издржливоста се многу подалеку од тоа што мислиме, и дека со доволно посветеност, дисциплина и верба во себе, може да се надминат и најголемите предизвици. Научив дека е најважно да не се откажуваш кога е најтешко, туку да продолжиш чекор по чекор, дури и кога изгледа невозможно.

Трката ме научи и на трпение, скромност и благодарност – за секој изминат километар, за поддршката од тимот и најблиските, и за секој момент поминат во природа. Секој голем успех бара жртва, истрајност и љубов кон тоа што го правиш. Ова искуство ме научи дека вистинската сила е во умот и во срцето и дека болката можеме да ја контролираме – со правилен пристап, ментална сила и фокус, дури и најтешките моменти може да се надминат.

Жикица: ТОР е едно големо животно искуство, од кое можеш да научиш многу работи за себе. Сфатив дека колку и да се големи некои работи, сепак се достижни ако се работи на нивно остварување. И треба да сонуваме за такви големи нешта.

Што е следно? Дали оваа трка ја гледате како круна на кариерата или имате уште зацртани предизвици што сакате да ги исполните?

Катерина: Секој поголем предизвик што успевам да го совладам ми дава дополнителна самодоверба и мотивација за нови успеси. Моите апетити постојано растат, ја имам поддршката од најблиските и доколку ме служи здравјето и имам сила, има уште многу предизвици што ги имам на ум и кои би сакала да ги реализирам.

Радмила: Периодов сакам убаво да си ги одморам и телото, и умот. Следната година може повторно Трката на џиновите (Tor des Geants).

Иако ТОР330 е еден од најголемите и најзначајни предизвици во мојата досегашна спортска кариера, и навистина го доживувам како круна на сè што сум постигнала досега, не ја гледам оваа трка како крајна цел. Напротив, ова искуство ми даде уште поголема мотивација и инспирација да продолжам понатаму и да си поставувам нови предизвици.

Има уште многу планини, трки и авантури што сакам да ги доживеам и соништа што сакам да ги исполнам.

Жикица: Во иднина би сакал да си дадам уште една шанса на ТОР. Секако доста примамлива е и Тор де Гласиерс 450км, која се одвива паралелно со ТОР. Постојат и некои други вакви трки што би сакал да ги посетам, а со тоа да запознаам нови предели.

Ристе Ѓорѓиевски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ