Поразот од Данска беше вкалкулиран, никој немаше илузија дека може да извлечеме бодови од дуел со најдобрата ракометна репрезентација во светот и тоа на нејзин терен. Она вистинското за Македонија е денеска.
Португалците се големи фаворит во мечот со нас, нивните амбции се дури и лов на медал, но сепак тоа не е селекција која ја има силата на Данска, па колку и да се силни, ќе треба да се надигруваме со нив ако сакаме подолго да останеме на Европското првенство.
Само првите две селекции одат понатаму, па денешниот дуел со Португалија ќе биде клучен за второто место, под претпоставка дека ќе ја победиме Романија во последното коло.
„Португалија е одлична селекција и тука дојде да се бори за медал. Сепак, не е на нивото на Данска. Мораме да бидеме позитивни и реални и да се обидеме да одиграме подобро. Сите посакуваме изненадување, но мора да стоиме цврсто на земја и да бидеме компетитивни. Португалија е фаворит. Нивните апетити пораснаа, мислат дека можат дури и до медал. Ќе се обидеме да им го пореметиме планот. Треба да се водиме и да учиме и од Данска и од Португалија. Не смееме да играме „македонски“, како што се игра во нашата лига. Мораме кондициски да бидеме поблиску до нив. Моето чувство за утре е оптимистичко, но мора да бидеме реални. Мечот на Португалија со Романија нема да ни е мерило. Ние го подигнавме нивото од последните натпреварите со Португалија и сигурен сум дека сме подобри од двата квалификациски дуели во 2024 година. Ракометно не се плашам од нив, единствено стравувам од „нашите глави“, рече селекторо Кире Лазаров.
Натпреварот меѓу Македонија и Португалија се игра денеска од 18 часот.






