На состанок на Извршниот комитет на ЕХФ кој се одржа во саботата во Ротердам, се прецизирани деталите за новиот модел од Лигата на шампионите кој ќе стартува од сезоната 2026/27, а ќе брои 24 екипи.
Клучен критериум за загарантирано место е рангирањето на националните федерации врз основа на резултатите во клупските натпреварувања во последните три сезони.
Земјите кои се пласирани од првото до десеттото место на ранг листа ќе добијат по едно директно место во Лигата на шампионите. Тоа се Германија, Шпанија, Франција, Данска, Полска, Унгарија, Романија, Португалија, Хрватска и Норвешка.
Македонија е на 12. место, па единствен начин за влез во Лигата на шампионите ќе биде со вајлд карта.
Секоја од десетте земји кои ќе имаат загарантирано место во натпреварувањето, ќе имаат право да побараа за уште најмногу две дополнителни места. ЕХФ ќе додели вкупно осум вајлд-карти.
Во првата фаза од новиот формат 24 екипи ќе бидат рапределени во шест групи со по четири тима. Првите две од секоја група ќе обезбедат место во главната рунда, додека останатите 12 ќе го продолжат натпреварувањето во шеснаесетфиналето од Европската лига.






