петок, 16 јануари 2026

Македонија го почнува своето деветто Европско првенство

Ракометната репрезентација на Македонија денеска со почеток од 20:30 часот ќе го почне настапот на Европското првенство кое оваа година се одржува во Скандинавија, прв противник ни е селекцијата на домаќинот, Данска.

Објавено на

часот

Сподели

За Македонија ова е деветто учество на континенталните ракометни собири, а осмо по ред почнувајќи од 2012 година.

Групната фаза ќе ја играме во Хернинг, Данска, покрај домаќинот во нашата група се уште и селекциите на Португалија и Романија.

Ждрепката сакаше првенството да го стартуваме против најсилниот можен противник, првиот кандидат за златниот медал, селекцијата на Данска која ќе биде апсолутен фаворит во вечерашниот дуел.

„Го играме првиот натпревар против најдобрата екипа во светот во последните 10 години, Данска и возбудени сме што ќе играме против нив. Тие се домаќини, тоа ќе биде многу тешко за нас, но немаме што да изгубиме на овој натпревар и ќе се обидеме да уживаме во мечот“, истакна селекторот Кирил Лазаров.

Македонија својата шанса за бодови логично е да ја бара во дуелите против Португалија и Романија, а вечерва да се обиде да одигра колку што е можно подобро и да им покаже мускули на Данците.

Во втората фаза продолжуваат првопласираните две селекции од секоја група.

Распоред на Македонија на ЕП:

Македонија – Данска 20:30 петок (16.01)
Македонија – Португалија 18:00 недела (18.01)
Македонија – Романија 18:00 вторник (20.01)

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ