Оваа година во оваа зона се десет репрезентации, но системот на натпреварување е променет.
„Годинашново издание е со десет репрезентации (7 од Европа, 3 од Африка). Ние ќе настапиме со подмладен состав. Ќе настапиме со: Сара Митевска, Ана Митевска, Јана Божиновска и Зара Зафировска. Мечевите треба да се играат на отворено и на земјена подлога. Имавме добри подготовки, а девојките добро тренираа и пред сè имаме добра атмосфера. Ние сме најмлада репрезентации и во секој меч противничките ќе бидат фаворитки, но ќе се бориме и ќе се обидеме да направиме изненадување“, изјави селекторот Кристијан Вангелов, кој ќе дебитира на оваа функција.
Македонија овојпат ќе биде без двете тенисерки кои беа главни во изминатите години, Лина Ѓорческа и Магдалена Стоилковска.
„Ѓорческа и Стоилковска изминативе 5-6 години, па и 10 години беа тие што ја предводеа репрезентацијата. Ѓорческа беше пријавена за настап, но за жал поради повреда мораше да направи промена во календарот на настапи и реши да не настапи за репрезентацијата, додека Стоилковска не настапува и веста е убава, но таа ќе ја сподели во следниот период. Новиот формат е неповолен за сите репрезентации и секој меч е важен“, рече Вангелов.
Десетте репрезентации се поделени во две групи по пет, се игра секој со секого, а потоа двете првопласирани селекции од групите ќе вкрстат (А1-Б2 и Б1-А2), а победничките од тие полуфинални мечеви ќе се изборат за промоција и влез во Првата Евро-африканска зона. Мечеви за пласман (опстанок) ќе играат (А3-Б4 и Б3-А4), репрезентациите кои ќе победат ќе изборат опстанок, додека петтопласираните од групите ќе играат меч за пласман. Мечевите од групите ќе се играат од понеделник до петок, а тие за пласман во сабота.
Составот на групите ќе биде познат во недела кога ќе се изврши извлекувањето. Од Европа учеснички се репрезентациите на: Австрија, Бугарија, Кипар, Финска, Грција, Македонија, Норвешка и Босна и Херцеговина (домаќин), а од Африка учеснички се: Египет, Мароко и Јужна Африка.






