четврток, 26 февруари 2026

ЛШ: Реал и Вини ја исфрлија Бенфика, Галата по продолженија го преживеа Торино, ПСЖ и Аталанта во осминафинале

Реал Мадрид, Аталанта, ПСЖ и Галатасарај се последните патници во осминафиналето на Лигата на фудбалските шампиони.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Реал Мадрид ја победи Бенфика со 2-1 и со вкупни 3-1 оди меѓу шеснаесетте најдобри во европската елита. По големата драма која се случи во Лисабон, овој натпревар имаше и неспортска рамка, ама во Мадрид немаше спорни сцени. Португалците први поведоа со голот на Рафа Силва по 14 минути игра. Две подоцна Орелиен Чуамени донесе израмнување, а одмаздата ја сервира Винисиус Жуниор во финишот со гол за победа и заверка на пласманот понатаму.

Неверојатен натпревар се одигра на „Алијанц Стадион“ во Торино, каде што Јувентус анулира три гола негатива од првиот меч (2-5) против Галатасарај. „Старата дама“ по 90 минути водеше со 3-0 со головите на Мануел Локатели, Федерико Гати и Вестон Мекени, а сето тоа е поимпресивно ако се знае дека два од трите паднаа со човек помалку. Сепак, на крајот бројчаната предност беше евидентна, па Галата со головите на Виктор Осимен и Алпар Јилмаз се чекира во осминафинале.

Драматично беше и во Бергамо, а таму Аталанта со 4-1 ја совлада екипата на Борусија Дортмунд. Џанлука Скамака и Давиде Запакоста во првиот дел донесоа водство од два гола, анулирајќи ја негативата од Германија. Во продолжението Марио Пашалиќ погоди за 3-0, но Карим Адејеми стрела за вкупно израмнување. Завршницата беше интересна, бидејќи кога сите чекаа крај Бенсебаини направи пенал, а Лазар Самарџиќ погоди за пласман понатаму.

Фудбалерите на ПСЖ ремизираа со Монако (2-2), а тоа им беше доволно за осминафинале бидејќи во првиот меч славеа (2-3). Гостинот во Париз поведе преку Аклиуч, меѓутоа Монако остана со човек помалку. Тоа ПСЖ го казни со головите на Маркињос и Кварацкелија, а иако Тезе израмни на крајот тоа беше недоволно.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ