Кога стана јасно дека Трент Александер Арнолд нема да стави потпис на нов договор, Ливерпул почна потрага на нов десен бек и изборот падна на Џереми Фримпонг од Баер Леверкузен.
Реал Мадрид попладнево го потврди трансферот на Трент Александер Арнолд, а „црвените“ не губеа време и само неколку часа подоцна соопштија дека на Енфилд пристигнува Џереми Фримпонг.
„Ливерпул го договори ангажманот на Џереми Фримпонг од Баер Леверкузен. Репрезентативецот на Холандија стави потпис на долгогодишен договор откако успешно ги помина лекарските прегледи“ – гласеше известувањето.
Детали не беа откриени, се шпекулира дека „црвените“ ќе платат 35 милиони евра, колку што изнесува откупната клаузула на Џереми Фримпонг.
За преселбата на Енфилд, Холанѓанецот вели: „Беше прилично лесно. Кога Ливерпул ме извести дека е заинтересиран за мене, одлуката беше едноставна – без двоумење“.
„Им кажав на агентите, „момци правете што ќе правите, само завршете ја работата, јас сакам само трансфер во Ливерпул“.
„Сакам навивачите на Ливерпул да знаат дека ќе оставам срце на терен, целата енергија, ќе работам напорно и се надевам дека заедно ќе победуваме и ќе се радуваме на успеси“.
ФОТО: X/Liverpool FC