Ливерпул одлично ја отвори новата сезона со пет победи во низа во Премиерлигата, но потоа им се случи драматичен пад.
ПСВ синоќа го изненади шампионот на Англија и со 1-4 славеше на Енфилд во Лигата на шампиони, па „црвените“ сега имаат дури 9 порази на последните 12 натпревари, што е нивна најлоша серија во последните 72 години.
По крајот на натпреварот, Куртис Џонс излезе со суров коментар за моменталната ситуација.
„Ова е неприфатливо, немам зборови. Помина периодот кога бев лут и тажен, сега сум едноставно без зборови“ – вели Куртис Џонс.
„Никогаш не сум искусил волку лош тим… во длабоки го*на сме и мора да има промени“.
Дел од Енфилд вчера со свирежи ги испратија фудбалерите по новото разочарување.
„Тешко ми паѓа, играм за тимот кој го поддржувам. И јас сум навивач, целиот живот го следам клубот“ – додава Англичанецот, кој е дете на Ливерпул.
„Долго, долго време не сум видел Ливерпул да минува низ ваков период и да бележи вакви резултати“.
„Но со оглед на тоа дека се уште го носиме грбот на овој клуб на нашите гради, ќе продолжиме да гинеме за да ги промениме резултатите“.
ФОТО: EPA






