Англискиот шампион вечерва го одигра најдобриот натпревар оваа сезона, го надигра големиот Реал Мадрид, а ќе славеше и убедлива победа доколку на голот на гостите не беше фантастичниот Куртоа кој имаше неколку неверојатни интервенции.
Клучниот момент се случи во 61. минута кога по асистенција на Собослаи, Мекалистер со глава ја заби топката во мрежата на Реал за водство од 1-0, што се покажа и како конечен резултат.
Реал Мадрид до крајот на мечот се обидуваше да се спаси од пораз, но не создаде речиси ниту една шанса за тоа.
Баерн Минхен со играч помалку славеше во Париз каде го победи ПСЖ со 2-1. Во центарот на вниманието беше Луис Диаз.
Колумбиецот ги постигна и двата гола за Баерн Минхен, но направи и црвен картон во финишот од натпреварот кога преостро стартуваше врз Хакими и му нанесе тешка повреда. Играчот на ПСЖ со солзи го напушти теренот.
Баварците целото второ полувреме го играа со фудбалер помалку, но ПСЖ успеа само да намали преку Невеш за конечни 1-2.
Најубедлив вечерва беше Тотнем кој со 4-0 го совлада Копенхаген. Головите за англискиот тим ги постигнаа Џонсон, Одоберт, Ван де Вен и Палиња.
Атлетико Мадрид со 3-1 го победи Ројал Унион. Алварез, Галагер и Љоренте погодија за Шпанците.
Јувентус одигра само 1-1 против Спортинг во Торино. Араужо донесе водство за португалскиот тим, Влаховиќ го изедначи резултатот. Двата гола беа дадени во првото полувреме.
Монако со 1-0 славеше на гостувањето кај Бодо/Глимт. Олимпијакос и ПСВ одиграа 1-1. Холанѓаните дадоа гол за бод во 93. минута.
Претходно Арсенал со 3-0 славеше кај Славија во Прага, а Наполи и Ајнтрахт одиграа без голови.






