среда, 18 март 2026

Ливерпул, Атлетико Мадрид и Баерн се последните патници во четвртфиналето на ЛШ (ВИДЕО)

Ливерпул, Атлетико Мадрид и Баерн Минхен се последните три патници во четвртфиналето на Лигата на шампионите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Англискиот шампион Ливерпул го сврте двомечот со Галатасарај, па по поразот на гости од 0-1 на „Енфилд“ славеше со убедливи 4-0 и си обезбеди место меѓу осумте најдобри. Уште од стартот тимот на Арне Слот тргна офанзивно, а тоа му се исплати во 25 минута кога Доминик Собослај го отвори резултатот (1-0). Во финишот на првиот дел домашните фанови беа разочарани по ужасно изведениот пенал на Мохамед Салах, па на одмор се замина со гол предност.

Сепак, во вториот дел Ливерпул набрзина го реши прашањето за победникот во двомечот. Хуго Екитике во 51 минута удвои на 2-0, додека само две подоцна стрела и Рајан Гравенберг. Точка на победата стави Салах кој се оддолжи за промашувањето со ефектен гол за конечните 4-0.

Тотнем со 3-2 го победи Атлетико Мадрид и стави крај на лошата серија, меѓутоа тоа не беше доволно за пласман понатаму. „Петлите“ поведоа по 30 минути игра со голот на Коло Муани. На стартот на вториот дел Хулиан Алварез израмни, а бргу потоа за ново водство на Тотнем стрела Чави Симонс. Иако тимот на Тудор беше подобар и креираше шанси, гостите успеаја пак да израмнат преку Ханцко во 75 минута. На крајот победа за домашните донесе Симонс со гол од пенал кој самиот го изнуди.

Баерн Минхен одново беше убедлив против Аталанта и сега на „Алианц Арената“ ја победи со 4-1 (1-0). Иако во Минхен донесе водство од 6-1, тоа не го спречи тимот на Винсент Компани повторно да демонстрира сила. Хари Кејн даде два гола во првиот и вториот дел, а потоа победата ја потврдија Ленарт Карл и Луис Диаз.

Во четвртфиналето Ливерпул ќе се судри со ПСЖ, Баерн оди на мегдан со Реал Мадрид, Атлетико ќе ја предизвика Барселона, а од вчера е познат парот Спортинг – Арсенал.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ