Традиционално саботната вечер е резервирана за индивидуалците, односно индивидуалните натпреварувања.
Дејмиен Лилард победи во натпреварот за тројки, иако е повреден и моментално не игра за Портланд. Искусниот плејмејкер третпат во кариерата го освои признанието за најдобар тројкаш. Во борбата за првото место тој го победи Девин Букер со 29 поени, два повеќе од асот на Феникс.
Се одржа и натпреварувањето во забивање, а иако многу фанови се жалат за загубената атрактивност признанието го грабна Кешад Џонсон од Мајами. Тој имаше две добри забивања, едното беше популарен „виндмил“, а второто преку човек со акробација при летањето.
Во финалето тој го победи Картер Брајант, главно поради грешката на асот на Сан Антонио кој не успеа да го направи замисленото забивање.






