Првиот меч меѓу овие два тима кој се одигра во Романија заврши нерешено. Двете екипи имаа по едно полувреме.
Тренерот на Алкалоид, Кире Лазаров ја потенцира важноста на реванш мечот.
„Овој меч е од исклучителна важност за клубот, македонскиот ракомет и спортот воопшто. Горд сум на моите играчи за начинот на кој одиграа во Романија, особено со оглед на околностите што ги следеа пред, за време и по натпреварот. Тимот е составен претежно од млади македонски играчи, што носи дополнителна одговорност, но и мотив“, изјави Лазаров.
Тој ја истакнува грубата игра на Романците која не била доволно санкционирана во првиот меч.
„Баја Маре е искусен тим, составен од репрезентативци и десетина странски играчи. Првиот дуел беше исполнет со груба игра, во која домаќините имаа само две исклучувања, а секој старт им беше исклучително валкан. Се надевам дека овојпат судиите ќе ги санкционираат нивните грубости. Ќе биде тежок натпревар, но верувам дека со додатен напор и поддршка од симпатизерите можеме да избориме полуфинале“, нагласи стратегот на „фармацевтите“.
Голем пех за Алакалоид е повредата нивниот најдобар ракометар Марко Митев за кого сезоната заврши, а блиску до враќање е неговиот брат Дамјан Митев кој исто така ќе биде отсутен поради повреда.
„Имаме систем кој го надоградуваме и верувам дека ќе најдеме решение. Капитенот Ѓорѓиев ќе има дополнителна одговорност, а Ивановски се адаптира одлично по паузата. Очекуваме и брзо враќање на Дамјан Митев“, истакна Лазаров.
Ракометарот Марко Стојковиќ ја повика публиката да ја исполни салата во Автокоманда.
„Го анализиравме противникот, максимално се подготвуваме за да извлечеме позитивен резултат и да се пласираме во полуфиналето. Ја повикувам публиката да дојде во голем број и да ни даде поддршка“, рече Стојковиќ.