Одигравме реми против селекција која сака медал од ова Европско првенство, тие беа и полуфиналист на последното Светско првенство, ова е голем резултат за Македонија иако на крајот може и да не ни донесе пласман во следната рунда.
„Ги загубивме двете крила уште на старотот, но и нашиот искусен играч со црвен картон. Сè што имавме планирано се растури и се создаде хаос пред крајот на првото полувреме. Вториот дел не почна најдобро, но ја најдовме точната форма и стигнавме до реми. Во еден момент, во наши разговори пред мечот со Данска, им реков да се борат до крај зашто ќе е важен секој гол бидејќи можно беше да се одигра со Португалија. Токму тоа и се случи“, вели Кире Лазаров.
„Треба малку да се смириме, да одмориме и утре нема да тренираме. Сакам да се одморат играчите, да видиме што ќе се случи со повредените ракометари и да видиме што ќе ни треба за победа. Треба да играме гол за гол, да бидеме сконцентрирани, да пробаме да победиме со што е можно поголема разлика. Романија јасно кажа дека нивната мета не е Данска и Португалија, туку Македонија и тие се подготвени да одат во војна со Македонија“.
„Да не се случеше тоа со повредите и Никола Маркоски, мислам дека ќе го добиевме натпреварот. Сепак, чудна работа, да ви се повредат две крила за пет минути е нешто неверојатно. Жал ни е, но ќе се бориме до крај, ќе го дадеме максимумот против Романија“.
„Не знам дали смеам да кажам што ми е на душа, мора да бидеме внимателни. Јас и пред почетокот на првенството кажав дека сме мала земја и многу деградирани, не е лесно да се игра против екипи како Португалија. Ова не е алиби, видовте и сами. Ќе биде многу тешко и во иднина да се бориме со вакви работи. Јавноста сака, јавноста нè поддржува, има голем интерес од публиката. Им честитам од душа и срце на моите играчи што успеаја да направат денес со полуфиналистот на минатото Светско првенство, екипата која се бореше за медал. Тие кажаа дека одат по злато, ова е голема работа за нас“.






