вторник, 6 јануари 2026

Лазаров: Да играме пожртвувано на ЕП – чест, светост и гордост е да се носи дресот на Македонија

Македонската ракометна репрезентација се подготвува за настап на ново големо натпреварување, Европското првенство на кое нашата група ја играме во Данска.

Објавено на

часот

Сподели

Ракометарите ги одработуваат подготовките во Скопје, каде ќе останат до Божиќ кога ќе тргнат кон Швајцарија. Таму ќе учествуваат на пријателски турнир по што ќе се упатат директно кон Данска.

Селекторот на Македонија, Кирил Лазаров е задоволен од текот на подготовките.

„Ни остануваат уште неколку дена пред патот во Швајцарија. По Швајцарија одиме директно во Данска каде што ќе имаме уште три-четири дена до почетокот на Европското првенство. Со оглед на здравствената состојба која ја имавме и ја имаме треба да бидеме претпазливи и не треба да брзаме со конечниот список. Треба да поминат уште овие неколку дена и да ги направиме последните тренинзи, по што ќе одлучиме кои ќе бидат патниците во Данска. Пред повеќе од два месеци решивме дека ќе патуваат 19 ракометари за предизвиците кои ни престојат на ЕП. Задоволен сум од подготовките, имаме позитивна атмосфера која треба да ја задржиме. Задоволен сум од тоа што сработивме во изминатиот период. Ќе имаме многу контролни натпревари, ќе се обидеме да ја подобриме формата“, вели Лазаров.

Тој сака Македонија да функционира сплотено како тим, а ракометарите да гинат за националниот дрес.

„Македонија е мала земја, па изборот на играчи е најмал од сите репрезентации, но ние треба да создадеме добар колектив, добар систем кој ќе функционира, каде што слабостите ќе треба квалитетно да ги покриеме и да бидеме добри. Имаме и добри страни кои треба да ги искористиме максимално. Задоволен сум, се обидуваме да направиме добра хемија и да функционираме како тим. Да живееме за предизвиците кои ни престојат, се надевам дека ќе имаме пожртвувана игра за Македонија. Чест, светост и гордост е да се носи националниот дрес. Ние немаме поединци кои ќе можат да изнесат едно големо натпреварување и мора да функционираме како тим. Подготовителните натпревари се против квалитетни противници и ќе биде одлична шанса за помладите ракометари кои имаат мала шанса, па се надеваме дека ќе ги внесеме во некоја оптимална натпреварувачка форма“, заврши селекторот.

Македонија го почнува ЕП против Данска на 16 јануари од 20.30 часот, по што два дена подоцна следи пресметка против Португалија од 18 часот, а на 20 јануари ќе се соочи против Романија во истиот термин.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ