Тој поради повреда го пропушти Европското првенство, но сега повторно е во стројот на Лазаров.
„Многу ми е драго што повторно сум заедно со момците од националниот тим, фала му на Бог се е во најдобар ред и повредата е минато, па полека фаќам приклучок“, истакна Лазаревски.
Лазаревски натпреварот со Австријците го гледа како одлична можност за тестирање на силите со добра репрезентација.
„Имавме добар настап на Европското првенство кој ни обезбеди полесен пат за пласман на наредното големо натпреварување и овој дуел ќе служи како увертира и воигрување на ракометари кои не биле тука во минатото и оние кои биле повредени како што бев јас. Токму затоа ваквите натпревари секогаш се добредојдени“.
За него не е важно дали во баражот ќе играме против Украина или Словачка, јасен е дека таму фаворитската улога треба да ја оправдаме.
„Не би сакал да калкулираме за било кој противник, не е тоа наша работа, ние со кого да излеземе на терен одиме на победа. Имавме среќа на патот кој ни претстои, затоа со кого и да играме ние се гледаме како учесници Мундијалот“, порача Лазаревски.
Мечот меѓу Австрија и Македонија се игра на 21 март со почеток од 18 часот.






