Иако поразот е висок, во таборото на нашата репрезентација има позитивен набој. На денешниот брифинг меѓу двата натпреварувачки дена, капитенот Филип Кузмановски даде оптимистичен коментар кој радува. Според него, во репрезентацијата искрено веруваат во шансите за втор круг на шампионатот.
„Португалија игра сличен ракомет како Данска, брза транзиција и брз напад. Затоа треба овој натпревар да го отвориме подобро од тој со Данска и да се бориме во текот на сите шеесет минути. Во овие дваесет дена подготовки потајно се подготвуваме токму за натпреварот со Португалија. Знаевме дека Данска е фаворит, па затоа посебно се спремавме за Португалија и Романија, бидејќи ако сакаме да ја поминеме групата мораме да победиме на овие натпревари. Добро сме подготвени, вчера покажавме дека со добра ротација можеме да се носиме и физички. Веруваме за поволен резултат против Португалија, но тоа треба да го покажеме на терен и без респект да влеземе во овој натпревар. Ни значи многу, ќе одиграме борбено 60 минути како што секогаш играла Македонија и сите ќе изгинеме на теренот. На крај сите да се радуваме, и да се пласираме во вториот круг. Можеби многумина не веруваат во тоа, но сите ние тука искрено веруваме дека го можеме тоа“, изјави Кузмановски.
Натпреварот меѓу Македонија и Португалија се игра в недела во 18:00 часот. Оваа средба може да биде решавачка во борбата за второто место во групата.






