Со такви желби и амбиции ќе стартуваат двата полуфиналисти во утрешниот натпревар кој е закажан за 17:30 часот, а ќе се игра во салата „Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица.

Андреј Алексовски, во улога на асистент-тренер во екипата на Крива Паланка ја пренесе тимската порака:
„Учеството во завршницата на Купот е престиж, но и голем предизвик. За нас ова е четвртто полуфинале, се надеваме на финале. Како што знаеме сите, екипата на Бадел 1862 е одличен противник. Искусен тим, но ние утре одиме на победа. На крај, сакам на сите да им посакам успех на сите екипи и добар турнир“.
Своите очекувања ги презентираше и Глорија Груевска.
„Нашиот тим е спремен да покаже добра и квалитетна кошарка. Имаме одлична тимска атмосфера. И сум сигурна дека ќе ја оствариме нашата цел. А тоа е победа утре и едно историско финале за Крива Паланка“.

Првиот човек на Бадел 1862 Љупчо Павловски, посакува девојките да го „скршат малерот“ и по овој турнир во Македонска Каменица и втрините на трофејниот клуб да бидат „побогати“ за уште еден победнички трофеј.:
„Македонска Каменица ни остави добри впечатоци и долго паметење во минатото, Бадел 1862, тое ни е во нашата ДНК, секогаш се стреми кон врвни резултати. Застанавме на 13 освоени куп-трофеи, и се надеваме дека оваа година ќе ја прескокнеме таа несреќна, да кажам, „тринаесетка“, и ќе дојдеме до 14 победа. Можеби звучи нескромно, затоа што екипата на крива Паланка е еден доста сериозен тим кој во континуитет е во врвот на кошарката, и на некој начин се фаворити. Затоа што имаат исклучително квалитетен ростер, составен од три добри странски колеџ-кошаркарки, и најмалку три одлични домашни кошаркарки кои се млади и амбициозни, и едни од најдобрите во земјата. Ние сме подготвени, имаме некоја добра енергија во клубот, добро се работи, особено после последната победа на домашен терен над екипата на Крива Паланка. И јас сум убеден дека нашите девојки ќе изгинат, ќе го остават срцето на теренот за да стигнеме до таа вредна победа и пласман во финалето“.
Јована Петрушевска посака фер-плеј игра од сите учесници на турнирот кој треба да даде доказ за гледност, приближна на финалниот турнир во машка конкуренција:
„Сакам да им честитам на сите четири екипи што се пласираа во полуфиналето на Купот на Македонија. Се надевам дека овие два дена ќе поминат во фер плеј-игра и и сите четири екипи ќе покажат добрра кошарка. Пред се за да се докаже дека женската кошарка е исто така од големо значење и има своја гледаност. Јас и моите „баделки“ заедно со тренерот и претседателот Павловски, сме подготвени за утрешниот натпревар. Крива Паланка како наш противник ни е доста познат. Спремни сме и мотивирани и нека победи најдобриот“.






