„Маалскиот“ клуб од Тафталиџе, ТФТ е сензационален освојувач на Купот на Македонија. Покажаа најмногу овој викенд, одиграа перфектно на сите три натпревари, денеска доминираа против бранителот на трофејот МЗТ Скопје и заслужено се радуваат на големиот успех.
МЗТ Скопје денеска го бркаше 11. трофеј во Купот на Македонија со што ќе беа рекордери, но не успеаа, остануваат со по десет со својот најголем ривал Работнички.
Кошаркарите на ТФТ денеска како да имаа многу повеќе енергија и поголема желба од МЗТ Скопје. Аеродромците имаа свои периоди, имаа една серија од 20-7 со која го свртеа резултатот во своја полза, поведоа со 48-44, но момците од Тафталиџе повторно ја вратија присебноста, го вратија водството и го одржуваа до самиот крај за да забележат убедлива победа од 80-66.
За МВП беше прогласен Смит кој имаше 12 поени и дури 17 скокови. Најефикасен беше фантастичниот Хортон кој постигна 23 поени, а одличен беше и капитенот, Костоски со 13 поени.
Во составот на МЗТ Скопје Рикиќ постигна 16 поени, Робев 12, Крстевски 11, а двоцифрен беше и Војдан Стојановски со 10.






