ТФТ одигра фантастично на сите три меча од куп турнирот, денеска против МЗТ Скопје во финалето славеше со 80-66 и испиша клупска историја.
Клубот кој само втора година е во првата лига, дојде до големиот трофеј победувајќи го актуелниот освојувач МЗТ Скопје.
„Искрено, не можам да ги најдам правите зборови. Ова е резултат на нешто што започна пред три дена. Имавме осцилации во текот на целата сезона, но оваа екипа покажа карактер. Во мотивацискиот говор пред мечот кажав дека можеби многу луѓе ќе одат по различен пат, но вечно ќе го паметиме. Морам да ја посветам победата на мојот починат татко кој на денешен ден ќе наполнеше 70 години. Исто и на мојот син. Уште од минатата година кога почнавме да играме во Првата лига имавме идеја и концепт од кој не отстапувавме и конечно по година и пол тоа ни донесе резултат. Тоа е да практикуваме една модерна, атлетска кошарка, затоа што за мал тим како нас кој не може да се носи со поголемите тимови, тоа што може да го правиме е да се наттрчуваме. Така ги биравме играчите кои ги носевме, повеќето се втора година по ред со нас. Имаме млади момци кои дојдоа од колеџ, ова им беше прво професионално искуство, па предводени од легендата на македонската кошарка Александар Костоски, легендарниот капитен Едис Нури, нашите навивачи, растат заедно и сите растеме како клуб“, изјави Боро Смилковски по мечот.
Капитенот Едис Нури е горд на овој голем успех на ТФТ.
„Се чувствувам добро и смирено. Имаше многу добра енергија за време на целиот турнир и знаевме дека ако го победиме Пелистер кој беше голем фаворит можеме да одиме до крај. Имавме една конверзација со Александар Костоски, еден од најдобрите, ако не и најдобриот наш кошаркар, направивме облог дека тој ќе ја потстрижи косата ако освоиме титула. Тоа го направивме, облогот се реализира. Јас се збогував пред три-четири години со кошарката. Но тренерот Боро Смилковски ме убеди да дојдам и да помогнам. Сакам да им помогнам на сите кои се овде да станат вистински кошаркари и да нè претставуваат достоинствено надвор од границите на Македонија“, вели Нури.






