Македонската кошаркарска експедиција требаше од Приштина да полета кон Истанбул, а од таму кон Тбилиси. Но, селекторот Драган Бајиќ не добил дозвола за влез во Косово.
„Во моментов се наоѓам во Скопје и сум шокиран од информацијата дека не ми е дозволено да влезам во Косово и тоа без никакво образложение. Ова направи голем проблем на македонската федерација, бидејќи мораа да барат алтернативни решенија како да стигнам до Истанбил, од каде што после летаме кон Тбилиси. Решението е најдено, но со напомена дека ќе мора да пропуштам еден од двата предвидени тренинзи, бидејќи ќе мора порано да тргнат кон турската престолнина“, изјави Бајиќ за „Српски инфо“.
Но, тоа е помалиот проблем за репрезентацијата, Бајиќ за мечот во Грузија нема да може да смета на тројца кошаркари, Дамјан Стојановски, Ненад Димитријевиќ и Андреј Магдевски.
Стојановски пред десетина дена им кажа на челниците на КФСМ дека нема да може да ги игра мечевите против Грузија поради замор и повредата на скочниот зглоб со која се мачеше.
Од здравствени причини во Скопје ќе останат и Ненад Димитријевиќ и Андреј Магдевски, тие се жалат на повреди и во наредните денови ќе ја продолжат рехабилитацијата. Големи се шансите Димитријевиќ да настапи на вториот меч против Грузија, тој што ќе се игра во Скопје, а Магдевски речиси да нема никакви шанси да игра.
Со Грузија во Тбилиси играме во четврток од 16 часот, а вториот меч против нив го играме во Скопје во недела со почеток од 20 часот.






