МЗТ Скопје играше за рекордна 11. титула во Купот на Македонија со која ќе го надминеше вечниот ривал Работнички, но тимот од Аеродром во финалето загуби од ТФТ.
„Мислам дека енергетски ТФТ беше подобар од нас. Имавме проблем со скокот, нешто на што многу имавме внимание за време на подготовката, но едноставно не успеавме да го сопреме нивниот најдобар скокач Смит. И кога имате обиди од ‘втора шанса’ постојано, тоа е проблем. Исто така и имавме проблем со Дамјан Стојановски кој беше исклучен. Не играше и Мекиќ, ни недостасуваше таков играч во ротацијата. ТФТ едноставно повеќе ја посакуваше победата и енергетски беа посилни. Во моментите кога се враќавме, правевме глупости. Но, тоа е, кога имате екипа која е нова во некои сегменти, посебно на плејмејкерската позиција, тоа и се случува. Купот е таков, ја честитам титулата на ТФТ затоа што ја заслужија и целиот турнир беа на високо ниво“, изјави тренерот на МЗТ Скопје, Дарко Радуловиќ.
Дамјан Стојановски направи две технички грешки и предвреме го заврши натпреварот. Вели дека не му е јасно зошто ги добил.
„За техничките грешки, не ми е јасно зошто ги добив… Си има институции за тоа и тие може да го проверат судењето. Јас не би сакал да коментирам. Околу мечот, влеговме уморни, го немавме и Мекиќ чие отсуство беше евидентно. Сепак, три меча во три дена, тоа е напорен ритам. Купот е таков, не секогаш победува фаворитот, тоа се докажа и вечерва. Нам сега ни следува обид да влеземе во АБА-лигата, а исто така и да го одбраниме тронот на домашната сцена“, вели Стојановски.






