Кошаркарскиот куп на Македонија почна со изненадување откако лидерот Пелистер доживеа пораз од ТФТ во првиот четвртфинален меч.
Пелистерци беа ослабени поради повредени кошаркари, па тренерот Илиевски вели дека не е изненаден од поразот, но го потенцираше и според него лошото судење на мечот.
„Не е дека не очекувавме дека ќе заврши вака натпреварот, што така и се докажа на самиот терен. Исклучувајќи ја играта која ја има ТФТ, им честитам на нив затоа што имаа шутерско шоу и реализација во шутот за три. Меѓутоа сето она кое нас нè загрижува, паралелно со нашите проблеми кои ги имаме во клубот, во однос на повредени играчи и кратка ротација и однос на сето она до последно не се знаеше како ќе излеземе на терен, загрижува што повторно се случуваат работи што некој некогаш ќе ги постави на маса и ќе ги изедначи. Секоја чест на оној кој ќе победи на натпреварите, но треба да се запрашаме кои се вистинските актери на паркетот во овој случај“ , изјави Илиевски.
Кошаркарот Бојан Стајиќ го потенцираше влезот во натпреварите на Пелистер.
„Ние го имаме истиот проблем веќе неколку натпревари, лошо влегуваме во нив. Мислам дека тоа е главен проблем на оваа екипа. За квалитетот не сакам да говорам, мислам дека сме една од поквалитетните, но нашиот главен проблем е пристапот. Тоа мора да се смени ако сакаме успех во понатамошното натпреварување. Зад нас е еден лош викенд, се надевам дека тоа ќе допре до сите играчи, малку посериозно да пристапуваме на натпреварите и подобро да ги отвораме, затоа што ова истото ни се случува и на домашната сцена и во АБА-2 и цело време бркаме разлика. Се надевам дека ќе го исправиме тоа и дека ќе бидеме далеку подобри во следните средби“, изјави Стајиќ по мечот.






