Грузија покажа дека е за класа подобра од Македонија, а поразот во Тбилиси не беше само поради отсуство на дел од нашите кошаркари. Денеска го имавме Нено Димитријевиќ кој беше наш најдобар кошаркар, но не можеше сам.
Македонија добро го почна мечот, ја доби првата четвртина со 21-18, но потоа следуваше сериозен пад, на одморот се замина со предност на Грузија од 35-43.
Во финишот од третата четвртина дојдовме на -2, 52-54, изгледаше дека сме вратени во игра и само прашање на време е кога ќе го свртиме резултатот, но во последниот период следуваше нов пад, постигнавме само 13 поени, примивме 21 и загубивме со 65-79.
Наш најдобар кошаркар беше Ненад Димитријевиќ со 25 поени, Војдан Стојановски постигна 13, Крстевски 11, а двоцифрен беше и Џејкоб Вајли со 10 поени, тој имаше и 9 скока. Во составот на Грузија, Мекфаден постигна 24 поени.
По четири одиграни меча Македонија нема победа, последни сме, до крајот треба да одиграме со Шпанија на гости и Украина на домашен терен.
Натпреварот меѓу Украина и Шпанија од ова коло не се одигра поради војната која се случува во Украина.






