Актуелниот предводник на Македонија доби нов договор кој ќе биде во важност до 2029 година.
На презентацијата на договорот се обрати претседателот на федерацијата Александар Стефанов, кој кажа:
„Официјално ја продолживме соработката со селекторот на нашата машка сениорска репрезентација, Кирил Лазаров, со договор до 2029 година. Веруваме дека континуитетот и стабилноста се клучни за напредокот на националниот тим и македонскиот ракомет во целина. Се надеваме на успешна и плодна соработка во наредниот период, во кој со заеднички труд, посветеност и јасна визија ќе продолжиме да остваруваме добри резултати и да го развиваме нашиот спорт“.
Освен него, свое кратко обраќање имаше и селекторот Кирил Лазаров.
„На заедничко задоволство ја продолживме соработката со Ракометната федерација на Македонија. Водењето на национален тим, поготово на својата земја, е голема чест и одговорност. Благодарен сум за укажаната доверба и поддршка. Пред нас е период исполнет со сериозна работа, јасни цели и високи очекувања. Со заеднички труд, дисциплина и целосна посветеност ќе продолжиме да работиме на напредокот на националниот тим и достоинствено претставување на Македонија, со фокус на стабилност и резултати на долг рок“, порача селекторот.
Македонија се подготвува за Европското првенство, а таму ќе игра против гигантот Данска, Португалија која е во налет и Романија.






