четврток, 10 април 2025

Како Барселона го изигра системот и успеа да ги регистрира Олмо и Пау Виктор до крајот на сезоната

Ханси Флик ќе може да смета на Дани Олмо и Пау Виктор до крајот на сезоната, Барселона ја доби правната битка со Ла Лига па двајцата фудбалери продолжуваат да имаат важечка регистрација.

Објавено на

часот

Сподели

Барселона издвојува важна победа надвор од теренот, „каталонците“ го добија судскиот спор со Ла Лига околу регистрацијата на Дани Олмо и Пау Виктор.

Проблемите за клубот од Камп Ноу почнаа уште минатото лето, во буџетот за плати немаше доволно место за Дани Олмо и Пау Виктор да добијат регистрација за сезоната 2024/25.

Жоан Лапорта и неговите соработници никако не успеваа да донесат нови приходи, или пак да ги намалат трошоците, и на крајот беа спасени со сериозната повреда на Андреас Кристенсен, пехот на Данецот и помогна на Барса да ги регистрира Дани Олмо и Пау Виктор, но само на привремена основа до 31. декември.

Претседателот потоа цело време уверуваше дека ќе биде обезбеден екстра приход и нема да имаат никакви проблеми за да ги регистрираат Дани Олмо и Пау Виктор до крајот на сезоната, но на почетокот од 2025 добија студен туш, Ла Лига го одби барањето за регистрација поради низа сомнежи за зделката со која Барселона продаде дел од вип ложата на инвеститори од Дубаи за 100 милиони евра.

По неколку тензични и неизвесни денови, Барселона ја обжали одлуката и изнуди Дани Олмо и Пау Виктор повторно на привремена основа да бидат регистрирани, односно се додека трае судскиот процес.

Конечната одлука беше донесена денес, судот пресуди во полза на Барселона, па Ханси Флик ќе може да смета на Дани Олмо и Пау Виктор до крајот на сезоната.

Интересно е тоа што Барселона всушност го изигра системот, тие во ниту еден момент не се обидоа да докажат дека обезбедиле екстра приходи со кои ги исполнуваат правилата за Финансиски фер плеј, односно имаат доволно средства за регистрација на фудбалерите.

Наспротив, „каталонците“ се насочија на тоа дека ќе им биде прекршено правото на работа на Дани Олмо и Пау Виктор доколку не им биде продолжена лиценцата, спореа дека правилото според кое еден фудбалер не може два пати да биде регистриран во еден ист клуб е одамна застарено и контекстот бил сосема различен кога ова правило било донесено, како и тоа дали комисијата која ја одземала лиценцата на фудбалерите имала авторитет да го направи тоа.

Судот на крајот им го прифати сето ова, па Дани Олмо и Пау Виктор ќе ја завршат сезоната во дресот на Барселона.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ