недела, 14 декември 2025

Јовановски: Горд сум, трасиран е патот и за идните генерации

Претседателот на Одбојкарската федерација на Македонија, Петар Јовановски е горд на новиот пласман на Европското првенство на нашата репрезентација.

Објавено на

часот

Сподели

Изминатиот викенд Македонија се избори за четвртото учество на Европско првенство во одбојка по ред, тоа го радува претседателот на федерацијата, Петар Јовановски.

„Главната и основна цел да се задржи континуитетот на настапи на Европските првенства е исполнета. Горд сум на овие момци, на оваа генерација која несебично се дава и се бори за одбојката да го достигне ова ниво на кое сме во моментов. Имавме напорно, долго и топло лето, во кое се она што беше поставено како амбиција е исполнета. Настапот во Европската Златна лига Македонија го заврши со најдобар резултат досега и обезбеди опстанок во ‘златното’ друштво и следната година. Од викендов потврдено е и учеството на четвртото ЕП во низа – презадоволен сум. Федерацијата и Управниот одбор направија се за репрезентацијата да има беспрекорни услови за работа, а довербата е оправдана на најдобар можен начин. Ова е успех на одбојкарите, на стручниот штаб и селекторот Јошко Миленкоски, а потоа и на Управниот одбор, канцеларијата на ОФМ и секој кој на било каков начин помогна во комплетниот процес. Секако, не смееме да ја заборавиме публиката! Без нејзината поддршка и инспирацијата која ја дава од трибините овој успех немаше да биде комплетен. Министерството за спорт ги препознава нашите резултати и ни дава дополнителен ‘ветер во грб’. Пресреќен сум и презадоволен. Емоциите се уште силни“, вели Јовановски.

Тешкото допрва доаѓа, репрезентацијата е во процес на промена на генерации и тоа ќе биде голем тест за македонската одбојка.

„Уште сме под импресии на успехот, но од друга страна свесни сме дека ќе мора многу брзо да се консолидираме и да се фатиме за работа, затоа што тешкото допрва доаѓа. Имаме промена на генерација во репрезентацијата, а патот за младите е веќе трасиран. Европското првенство ќе биде првиот сериозен тест за нив, на кое ќе треба да се покажат и да го продолжат она што оваа генерација го создаде. Имаме потенцијал и верувам во светла иднина, која е во рацете на младите. Ние како Федерација ќе направиме сè за да добијат најдобри можни услови за подготовка за ЕП, а потоа сè е на нив. Имаме малку време за оддишка, ќе ги почекаме противниците во октомври, а потоа со сите сили кон ЕвроВолеј“, заклучува првиот човек на ОФМ.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ