Интер остана без шанса за тројна круна откако синоќа загуби со 0-3 на реваншот против Милан во полуфиналето во Купот на Италија.
За „нероаѕурите“ ова беше вториот пораз во само неколку дена, во неделата загубија и на гостувањето кај Болоња во Серија А, па атмосферата во тимот е тензична.
Ова го покажа тренерот Симоне Инзаги, кој беше видно вознемирен покрај аут линијата во финишот од мечот и бараше да нема судиско надополнување.
„Не сакам продолжение, не сакам да ме исмејувате, не сакам продолжение“ – стратегот викаше нервозно кон четвртиот судија.
Главниот судија Довери му ја исполни желбата, па иако сигурно требаше да има 3-4 минути продолжение, свирна крај само неколку секунди откако поминаа 90. минути.
Inzaghi non vuole il recupero. pic.twitter.com/GJAkXDsBNi
— Gianluca Pazzaglia (@gpazzaglia71) April 24, 2025
Што се однесува до натпреварот, Симоне Инзаги на средбата со новинарите рече: „Сакам да им се извинам на навивачите кои уште еднаш во огромен број дојдоа да не бодрат. Но таков е фудбалот, треба да му се честите на Милан“.
„Можеме да жалиме за пропуштените шанси во првото полувреме, заслуживме повеќе бидејќи креиравме неколку добри прилики“.
„Во второто полувреме примивме гол од корнер, среќата не беше на нашата страна, потоа прикажавме многу помалку споредбено со првиот дел“.
„Секако дека сум загрижен што загубивме на два натпревари по ред, не сме навикнати на ова. Ќе треба да направиме соодветна анализа. Не заслуживме да изагубиме од Болоња, а вечерва останавме без енергија во второто полувреме“.