Пафос забележа убедлив пораз од Баерн Минхен, на свој терен загуби со 1-5, но мала утеха за домаќините може да биде тоа што голот кој го постигнаа беше еден од најубавите од сите натпревари кои се играа во вторникот.
Во финишот на првиот дел, Хрватот Мислав Оршиќ со фантастичен удар од далечина го матираше Мануел Нојер.
Голманот при оваа ситуација беше само гледач повеќе, а по крајот на натпреварот се скара и со еден новинар кој го праша дали можел да реагира подобро при ситуацијата.
Новинар: „Дали голот беше незапирлив?“
Нојер: „Да“.
Новинар: „Дали можеби задоцнивте со реакцијата?“
Нојер: „Не. Дали вие некогаш сте биле голман?“
Новинар: „Да бидам искрен, не сум бил“.
Нојер: „Штета. Топката во прв момент одеше право, а потоа ја смени насоката. Одеше право кон мене, но потоа, релативно доцна, се виде дека ја смени насоката кон десно. Ако сте играле фудбал, ќе знаеш за што зборувам. Па го доби одговорот на прашањето“.






