Интер и Барселона синоќа приредија нов фудбалски спектакл, домаќините на полувреме водеа со 2-0, гостите во продолжението од мечот стигнаа до комплетен пресврт и предност од 2-3, за во 93. минута Ачерби да реализира за 3-3 и да го однесе натпреварот во продолженија.
Во екстра периодот Давиде Фратези погоди за 4-3 и огромна радост на „Меаца“, фудбалерот од средниот ред малку претера со славењето, па легна на тревата и побара лекарска помош.
„За среќа успеав да го завршам мечот. Славев енергично па ми се заврте во глава, ми се стемни на момент и малку фалеше да се онесвестам. Морам да им се заблагодарам на докторите и физиотерапевтите, вчера имав истегнување на стомачниот мускул, а тие направија неверојатна работа за да ме оспособат за овој натпревар“ – вели Давиде Фратези.
Италијанецот постигна клучен гол и против Баерн Минхен во четвртфиналето, но вели дека емоциите од вчера не се споредуваат со ништо.
„Едноставно неверојатно, не знам што да кажам. Мислев дека по натпреварот со Баерн нема да можам повторно да ја доживеам таа емоција, но вечерва беше уште поневеројатно. Во тоа е убавината на фудбалот“.
Давие Фратези потоа рече дека нема талент како многу други фудбалери, но секогаш го дава максимумот и никогаш не се предава.
„Не сум помеѓу најталентираните, но секогаш го давам максимумот, никогаш не се откажувам и сум првиот што верува. Кога изедначивме на 3-3, им реков на соиграчите дека сигурно победуваме. Па пресреќен сум, ова е награда за напорот и посветеноста“.