Со продолжувањето на соработката што започна во 2018 година, Халкбанк уште еднаш ја потврдува својата долгорочна посветеност на развојот на еден од најуспешните и најпрепознатливи спортови во земјата. Партнерството е насочено кон поддршка на активностите и настапите на македонските машки и женски ракометни репрезентации, кои континуирано ја претставуваат државата на меѓународната спортска сцена и остваруваат значајни резултати.
Договорот беше потпишан во просториите на Халкбанк АД Скопје, од страна на директорот на Халкбанк АД Скопје, Фатих Шахбаз и претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Алесандар Стефанов.
„Горди сме што и во 2026 година ја продолжуваме соработката со Ракометната федерација на Македонија. Ракометот е спорт со длабока традиција и огромна поддршка кај јавноста, а Халкбанк со ова партнерство останува дел од успехот, емоциите и вредностите што ги носи македонскиот ракомет. Нашата поддршка е израз на доверба во спортот, спортистите и идните генерации“, – изјави Фатих Шахбаз, генерален директор на Халкбанк АД Скопје.

Од Ракометната федерација на Македонија посочија дека продолжувањето на партнерството има особено значење за федерацијата и националните селекции.
„Продолжувањето на соработката со Халкбанк е уште една потврда за заемната доверба и заедничката визија што ја градиме со години. Халкбанк е стабилен и сериозен партнер на македонскиот ракомет, а нивната поддршка од 2018 година, наваму, има значајна улога во развојот на националните селекции, натпреварувачките системи и целокупната ракометна инфраструктура. Со овој договор заокружуваме уште една важна година за Федерацијата и испраќаме јасна порака дека македонскиот ракомет има сигурни партнери и јасна насока за иднината. Благодарни сме за довербата на Халкбанк и веруваме дека заедно ќе продолжиме да создаваме услови за нови успеси и напредок на сите нивоа“, – истакна Александар Стефанов, претседател на Ракометната федерација на Македонија.
На настанот присуствуваа и македонските ракометари, кои со своето присуство ја заокружија атмосферата и ја потврдија блиската врска меѓу федерацијата, спортистите и поддржувачите на ракометот. Во рамки на неформалниот дел од настанот, ракометарите се задржаа на дружење со присутните и потпишуваа дресови.

Со договорот за 2026 година, Халкбанк уште еднаш ја потврдува својата определба да биде активен и одговорен поддржувач на националниот спорт. Поддршката на ракометот е дел од поширокиот пристап на Банката кон општествено одговорно делување, насочено кон развој на спортот, младите и вредностите што ја поврзуваат заедницата.






