Евгениј Поп Ацев во 2023 година имаше еден неуспешен обид да го направи тоа, но се врати и успеа. Тој патеката на каналот меѓу Франција и Велика Британија ја мина со фантастично време од девет часа и 43 минути.
Поп Ацев стана само петтиот Македонец кој го препливал Ла Манш, претходно тоа го направија Нико Нестор во 1959 година, Атина Бојаџи во 1969, Томи Стефановски во 2009 и Игор Димовски една година подоцна.
Евгениј Поп Ацев е дел од Куќата на Славните во маратонското пливање во светот, тој има настапи на 107 настани меѓу 2007 и 2021 година.
Ла Манш се смета за „Монт Еверест на пливањето“, зошто неговото препливување е голем предизвик?
Најтесната точка помеѓу Англија (Довер) и Франција (Кале) е околу 34 километри. Но, пливачите ретко минуваат точно толку – поради силните плима и осека, струи и ветрови, реалната дистанца често станува 40–45 км, а понекогаш и повеќе.
Километрите не се тие кои се страшни, борбата со силните морски струи и бранови ја прават рутата непредвидлива, па пливачите не можат да пливаат по права линија. Водата е студена, обично меѓу 15 и 18 степени, што бара голема издржливост. Во каналот се случува и густ морски сообраќај, полн е и со жива природа како медузи и морски животни. Пливањето може да трае 12-16 часа, а може и повеќе, што е вистински тест за менталната сила на пливачот. Поради тоа времето од девет часа и 43 минути на Евгениј Поп Ацев се смета за фантастичен успех.






