недела, 7 декември 2025

Ѓоргиев: Групата е тешка, но имаме шанса за нешто историско

Одбојкарската репрезентација на Македонија синоќа ги доби противниците за Европското првенство кое наредната година ќе се одржи во Бугарија, Италија, Финска и Романија, утринава свое видување даде капитенот Никола Ѓоргиев.

Објавено на

часот

Сподели

Македонија натпреварите ќе ги игра во Варна, Бугарија, а покрај ние и бугарската селекција, во нашата група се и Полска, Украина, Португалија и Израел.

„Македонија на ова Европско првенство влегува без еуфорија и големи очекувања како што беше во 2023 кога бевме организатори, но имавме среќа и во ждрепката, и во групата имавме две репрезентации кои беа со послаб ранкинг од нас. На ова ЕП Македонија влегува како најслабо рангирана селекција и верувам дека сите противници во групата на нас гледаат како на тотален аутсајдер. Добивме тешка група со два изразени фаворита – Бугарија и Полска. Украина, особено Португалија, која играше во осминафиналето на СП и ја елиминираше Куба и Израел се противници со кои ќе водиме голема битка и никој не може да ни забрани да сонуваме за осминафинале. Само да сме живи, здрави и сплотени“, вели капитенот Никола Ѓоргиев.

„На ЕвроВолеј 2026 ќе влеземе со една поинаква „математика“ – да си ја играме нашата игра и да си ја гледаме нашата работа и да сонуваме. Искусни сме, веќе имаме три ЕП зад нас и знаеме како е и да се победува и да се губи. На претходното ЕП игравме и осминафинале и од тоа имаме искуство. Напоменав дека групата е тешка, но имаме шанси за нешто историско. Без еуфорија, со многу работа и посветеност и да бидеме најдобри кога ќе биде најпотребно. Потешко можеше, а можеше да биде и полесно, но самото тоа што сме на уште едно ЕП носи големо задоволство“, заклучува Ѓоргиев.

Македонија четврти пат во низа учествува на Европско првенство кое овојпат ќе се одржи од 9 до 26 септември 2026 година.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ