Во рамки на свеченоста се одигра ревијален натпревар меѓу младинскиот состав на КК Работнички и шампионите од Лига Центар од ООУ „Кочо Рацин“, проследен со настапи на хип-хоп групи и богата спортска програма.
На отворањето, покрај бројните гости и советниците на Општина Центар, присуствуваа и ветераните на КК Работнички, Огнен Герасимовски, Драган Радосављевиќ, Рики Ѓорчевски, Стерули Андоновски, Томе Димишковски, Миро Крстевски, Тихо Матевски, и Перо Антиќ, на кои им беше доделено признанието „Феникс“, симболот на Општина Центар, птицата што се раѓа од пепел, како знак на обнова, истрајност и нов почеток.
„Се што правам како градоначалник, го работам со најдобра верба и мисла за нашите центарци. Со упорност, со скромност, со многу енергија и љубов, создадовме уште една победа, која им припаѓа на сите во Центар, без исклучок и поделби. И оваа сала е резултат на нашиот пристап, дека заедно можеме да направиме се. Без политика, без делби, напротив, обединети и сложни во успесите и резултатите“, рече Герасимовски.
Обраќајќи им се на младите центарци кои ги исполнија трибините, Герасимовски порача дека салата е наменета токму за нив, за генерациите што допрва ќе создаваат нови спортски успеси и ќе го носат духот на „Работнички“.
,,Драги ученици, новата сала е секогаш отворена за вас. За спорт, за натпревар, за другарување, за споделување на вистински вредности во животот. Од срце ве поканувам да ја користите, да бидете присутни, да бидете здрави и конкурентни, да создавате резултати, да се радувате на своите и заедничките успеси! Во оваа сала ќе ги гледаме нашите нови шампиони, ќе ја пишуваме новата историја”, порача Герасимовски.
Салата е реконструирана според стандардите на ФИБА, со целосно обновен паркет, нова фасада, современо ЛЕД-осветлување, енергетски ефикасен систем за греење, ладење и вентилација, нови соблекувални, санитарни јазли и нови столчиња на трибините.
Со обновата на објектот во Градски парк, најтрофејниот клуб доби дом достоен за своето име и традиција, место каде што ќе се редат нови победи и ќе се гради иднината на спортот во Центар.







