Главна вест во светот на фудбалот е победата на Македонија на „Ренцо Барбера“, „црвено-жолтите“ го победија европскиот првак и ја оставија Италија без уште едно Светско првенство.
„Аѕурите“ беа огромен фаворит, многумина веќе ги гледаа во финале, но избраниците на Боби Милевски одиграа фантастично за во финишот од мечот Александар Трајковски да го фрли противникот на колена. Напаѓачот прекрасно биеше од врвот на шеснаесетникот за огромна радост.
Среќа што тој повеќе не е дел од Палермо, па нема да го снајде судбината на Ан Џунг Хван од пред 20 години.
Добро е позната приказната на фудбалерот од Јужна Кореја, кој на мундијалот во 2002 и даде „златен“ гол на Италија и шокантно ја елиминираше во осминафиналето.
Италијаните не можеа да се помират со овој срамен пораз, па Перуџа реши да го избрка фудбалерот.
„Господинов никогаш повеќе нема да стапне во Перуџа. Беше феноменален само кога играше против Италија“ – порача тогаш претседателот на Перуџа, Лучано Гаучи.
„Нема шанси да му давам плата на некој кој го уништи италијанскиот фудбал“.
Александар Трајковски имаше убави четири години во Палермо, и го напушти клубот во 2019 кога финансиските проблеми донесоа казни и преселба во трета лига, а потоа и во четврта.
Интересно, Александар Трајковски го даде последниот гол за Палермо пред клубот да згасне.
Фото: ФФМ






