Савичевиќ го нападна Путин, но застана во одбрана на руските спортисти, смета дека тие не треба да бидат суспендирани. Тој се потсети на годините кога се распаѓаше Југославија и кога имаше војна поради која беа суспендирани југословенските спортисти.
Во 1992 година поради војна на Југославија ѝ беше одземен настапот на Европското првенство иако таа избори пласман на зелениот терен, на нејзино место отиде Данска која стана Европски шампион.
„Спортистите не се виновни за ништо што се случува, јас најдобро го знам тоа, затоа што го доживеавме во 1992 година кога на Југославија не ѝ беше дозволено да игра на Европското првенство“, потсетува Савичевиќ.
„Не сакам да го бранам Путин, но на своја кожа доживеав исклучување од првенство поради политичка причина. Играњето фудбал, играњето натпревари во секој спорт е порака на мир. Руските фудбалери и другите спортисти од оваа земја немаат никаква врска со Путин, како што ние од таа југословенска генерација немавме врска со војната во Југославија пред 30 години“.
„Јас поради тоа изгубив три големи натпреварувања, Европските првенства во 1992 и 1996, како и Мундијалот во 1994 и сето тоа без причина, само поради политика која нема врска со спортот“.






